Во последно време сè повеќе родители се откажуваат од луксузот и новите детски работи, и со гордост избираат прифатливо и погодно, не само поради високите трошоци за живот, туку и од желбата масовно да се намали отпадот.
Како да се одгледува дете без да се загрози буџетот?
Родителството отсекогаш било предизвик, но денес сè повеќе родители се соочуваат со нов вид прашање: како да му се обезбеди сè на детето, а притоа да не се наруши домашниот буџет и да не се создава непотребен отпад? Поради тоа, расте бројот на родители кои се насочуваат кон попрактични и поодржливи решенија.
Наместо да потклекнат на трендот дека „сè мора да биде ново“, родителите сè почесто избираат половни работи како облека, опрема, колички и играчки. Не го прават тоа само заради заштеда, туку и од еколошка свест. Не е реткост детската соба да биде опремена со веќе користени, но одлично сочувани предмети. Ваквиот пристап не само што го олеснува паричникот, туку и ја намалува количината на отпад што секојдневно се создава.

Одржливото родителство дополнително го поттикнува растот на групи како „Купи за ништо“ – онлајн фејсбук-заедници каде што корисниците си подаруваат работи што веќе не им се потребни.
Сè повеќе родители користат платформи каде што можат да се најдат речиси сите работи за децата, од облека и обувки до електрични лулашки, стерилизатори и креветчиња, често по симболични цени или дури и бесплатно.
Порано купувањето половно се поврзуваше со недостиг на пари. Денес тоа е знак на одговорност, грижа и снаодливост. Родителите што се одлучуваат за одржливо родителство не избираат помалку, туку избираат попаметно.
Освен што се штедат пари, ваквиот начин на одгледување деца го намалува отпадот, ја поттикнува циркуларната економија и ги учи децата уште од мали дека вредноста на предметите не се мери со нивната цена, туку со тоа колку ќе им бидат од корист.
Родителството повеќе не е натпревар во количина и новитети, туку промислен проект. Сè повеќе семејства сфаќаат дека е можно и пожелно децата да се одгледуваат со повеќе штедење, помалку отпад и многу повеќе меѓусебна солидарност.