Ако сте здрава трудница и кај вас не постојат пречки за физичка активност, пред да тргнете во секојдневна прошетка прочитајте неколку интересни работи за нордиското одење.
Нордиското одење е понов облик на физичка активност вклучена во рекреативните програми за сите возрасни категории. За разлика од нормалното одење, при кое горниот дел на телото е релативно пасивен, при нордиското многу повеќе се активираат мускулите на грбот, рамената и на рацете. Тоа всушност е одење при кое се користат специфично дизајнирани стапови. Може да се спроведува на повеќето терени, а во комбинација со природата и свежиот воздух е исклучително погодно за здравјето.
Нордиското одење е многу корисна активност затоа што позитивно влијае врз срцето, мускулите, ’рбетот и зглобовите. За трудниците, придобивките од редовната физичка активност во комбинација со нордиското одење се:
– Појаки мускули;
– Подобро држење на телото;
– Намалување на болката во зглобовите и во мускулите;
– Намалување на болката во ’рбетот;
– Одржување на подвижноста и на рамнотежата;
– Намалување на ризикот за паѓање.
Што се однесува до спортската опрема, за почеток се потребни само соодветни стапови. Со користењето на стаповите одењето се претвора во многу ефикасна аеробна рекреација која влијае врз речиси сите мускули, а се троши и многу енергија. Благодарение на стаповите, се намалува притисокот во зглобовите, особено во колената, па затоа нордиското одење им се препорачува на трудниците. Со него се активираат мускулите во горниот дел на телото, а тоа доведува до зголемена латерална подвижност на вратот и на ’рбетот.
При нордиското одење тежината на телото се распоредува на двете нозе и на двата стапа, па значително помалку се оптоваруваат ’рбетот и зглобовите, а стаповите овозможуваат чувство на сигурност. Употребата на стаповите овозможува поголема стабилност затоа што се зголемува површината за потпирање која е важна за одржување на рамнотежата при одењето, а со тоа се намалува ризикот од паѓање.
За разлика од обичното одење, кое некогаш може да им биде напорно на трудниците, кај нордиското одење трудницата се оттурнува со стаповите и ги користи мускулите на горниот дел од телото. Дел од тежината се префрла од нозете на рацете, се растоваруваат колената, колковите и зглобовите на долниот дел од телото, па при одењето трудницата добива чувство на леснотија.