Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам дете на возраст од 3 години и 5 месеци. За сѐ ми негодува, ништо не сака да послуша, што и да му кажам, го прави обратното, како за инает. На пример, не сака да се облече, не сака да се измие… Јас ништо не можам да направам, ако јадам, ме прекинува, и така со сѐ што ќе почнам. Ако не го послушам, вреска на цел глас. Сака само до него да седам и да си играме, ама понекогаш и тоа му е досадно. За да излеземе до самопослуга, се молиме со часови, не сака да оди. Немам веќе идеи со што да го убедам, сѐ му е не и не. Не сака да спие, задремува, но одма станува. Денски не преспива, навечер одвај заспива, се буди по 3-4 пати ноќе. Инаку, 24 часа сме заедно, ден и ноќ, јас го чувам, го има целото мое внимание. Се прашувам каде грешам.

ОДГОВОР: Во оваа возраст одбивањето со не или не сакам е знак дека детето бара независност од социо-емоционалната врска која му обезбедува сигурност и укажува на поголема зрелост. Тоа е различно од протестирањето, кое впрочем е придружено со бес, врскање, плачење и сл. Потребно е дисциплинирање на детето, но такво што ќе му обезбеди простор за истражување. На оваа возраст децата веќе немаат потреба од постојано присуство на лицето кое им дава сигурност. Тоа значи дека врската постои, но потребен е физички простор. Во тој контекст би ве советувала да се обидете да го пуштите вашето дете да поседи кај баба и дедо или блиски роднини по неколку дена и да му го обезбедите чувството на психолошка независност. Исто така, мозокот на децата во оваа возраст се развива многу брзо и непречено создавајќи континуирано синаптички врски.

Во овој период потребно е веќе да имате воспоставено дневни рутини и секако ритуал за заспивање. Редовните рутини пред спиење треба да бидат: капење, јадење, читање приказни или приспивни песни кои секогаш создаваат смирена атмосфера. Со движењето и моторната активност на детето е поврзано и спиењето. Тоа би значело, колку повеќе детето имало физичка активност преку денот, толку поцврст и поквалитетен сон би имало во текот на ноќта. Во таа смисла, неактивноста на моторички план создава преакумулирана енергија која детето нема каде да ја потроши. Ако енергијата не е ослободена во текот на денот, тогаш таа се реализира во втората половина од ноќта. Тоа значи дека детето има неквалитетен сон, па затоа е раздразливо. За таа цел, природата и парковите се незаменливи. Трчање, играње топка, па дури и во студени денови не е забрането. Кога не сте во можност да излезете надвор, во природа или во парк, тогаш истите вештини вежбајте ги дома.

Еве неколку идеи: сокријте предмет за детето да го бара, спојте ги столовите во колона како воз и барајте од детето да се вовлекува под нив, залепете пајажина со самолеплив фластер на вратата и барајте од детето да се протнува низ неа, направете линија на подот и одете нога пред нога, користете јаже, хулахоп и сл. Играјте со баскет-балон. Вртете хулахоп. Тој е одличен за активирање на телото. Играјте криенка. Пуштете музика и правете фискултурни вежби. Целта е детето низ движење да мисли и да решава проблеми. На тој начин ќе се растовари од акумулираната енергија создадена во текот на денот. Притоа, важно е и да не давате да се користат технолошки уреди, особено не пред спиење. Не дозволувајте да биде превозбуден пред спиење, половина час пред легнување придушете ги светлата и спремете го за спиење.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X