Кога Никола побарал да му ја купат првата Рубикова коцка, не помислиле дека толку ќе се фокусира на решавање на оваа загатка

„Погледни, средните делови се статични, не се вртат. Сега прво ќе треба да се направи крст со иста боја на една страна. Така најлесно ќе почнеш да ја решаваш Рубиковата коцка“, навлезе во објаснувањето единаесетгодишниот Никола Петров од Кавадарци. Со големо трпение ни покажа како најбрзо и со најмалку чекори да се намести добро измешаната, сложена коцка. Се изгубивме попат, но секако го ислушавме докрај. Коцката ја вртеше брзо, а прстињата му летаа подбутнувајќи ги подвижните делови. Задоволен и затоа што може да си ја презентира вештината и затоа што има некого да го научи, ја реши за околу една минута. Инаку, му требаат помалку од 10 секунди.

Мене никогаш не ми е досадно

– Ете, не е тешко. Побавно ја решив зашто објаснував. Да знаете, за полесно решавање, на интернет има алгоритми со име. Се учат лесно и кога ќе решавате, само ќе ги користите. Треба само да меморизирате. По некое време и поставеноста на коцките се памети и така се решава – објаснува Никола.

Тој учи во Основното училиште „Тоде Хаџи Тефов“ во Кавадарци. Има 63 коцки и главно со родителите ги нарачува на интернет. Во ранчето со себе донесе дваесетина, оние што му се актуелни во моментот. Тој и Ѓорѓи, нашето друго гостинче, не знаеја која попрво да почнат да ја решаваат. По неколкуминутна дискусија се договорија со кои ќе се натпреваруваат, а задачата на другите беше еднакво да бидат измешани.

– Мене никогаш не ми е досадно. Си одбирам која коцка ќе ја решавам, и толку. Не се нервирам додека ги местам коцките. Може да се изнервирам ако добијам послаба оценка – раскажува.

Никола вели дека има милион другарчиња. Си играат, заедно пишуваат домашно, се шегуваат…
– Цртаме и си даваме прекари. Мојот прекар е Петрович, имаме Петло, Џубре, Доналд Трамп… Доналд Трамп е затоа што се расправаше со деца од Америка и така го нарековме. На интернет има смешки за Трамп, и така – вели Никола.

Стратегии и за карате

Стратегиите ги сака не само за редење на коцките, туку и додека вежба карате. Тренира заедно со најдобриот другар Благој.
– Благој е смешен, редовно прави смешки. Инаку, во каратето мора да смислиш одбранбена стратегија, да сфатиш како ќе нападне противникот, како ќе удри. Сите ги куткам – се смее шармантно.

Никола сака да шета низ светот, а ако може, прво би пошол во Њујорк.
– Мислам дека многу ќе ми се допадне. Таму има различни култури. Ме интересираат нивните обичаи. Јас и сега си читам податоци за многу места и држави. Многу ми е интересно тоа. На пример, се запознав со Кинези. Ми се допаднаа нивната традиција и нивната вера, ама не ми е интересно што секогаш јадат со стапчиња. Знам да јадам со нив, ама некако нонстоп со стапчиња… – раскажува Никола.

Кога ќе порасне, сака да работи во компанија што прави Рубикови коцки, или да биде наставник по историја.
– Ако работам таму каде што се произведуваат, на сите ќе им давам попуст. А, многу сакам историја. Сакам да знам како се живеело, како порано преживувале, како обезбедувале храна, во што верувале – додава.

На крајот од разговорот ни презентира како се решава Рубикова коцка со затворени очи. Успешно, се разбира.

Течен англиски на три години

– Никола ни беше прво дете во фамилијата и целата енергија на сите беше насочена кон него – кој повеќе да го држи в раце кога беше бебе, кој поубава играчка да му купи, да го шета, да го игра. Немаше три години, а веќе зборуваше англиски многу подобро отколку македонски. Многу полесно и без тешкотија се изразуваше на англиски отколку на македонски јазик. Употребуваше граматички точни сложени реченици и тогаш бевме горди на тоа и ни беше интересно, па и ние му зборувавме на англиски. Но подоцна, кога почна да оди во училиште, сфативме дека можеби не сме му направиле добра услуга со тоа – раскажува татко му Петар.

На почеток се соочувале со препреки, и во училиште повеќе сакал да комуницира на англиски отколку на македонски.
– Но сега е веќе шесто одделение и се фокусира претежно на оние предмети што му се интересни – вели Петар.

Љубопитен, сочувствителен, екологист, љубител на животните

Никола е љубопитно дете, сочувствителен е и перфекционист. Доколку нешто не излезе како што очекувал или имал планирано, може брзо да се разочара.
– Екологист е, ја сака природата, се грижи за здрава и чиста околина, ги сака животните – особено кучињата. Културно, фино дете, и голем другар е. Сите свои работи што ги поседува сака да ги подели со сите, а особено со оние деца што немаат доволно. Претпоставувам дека секој родител за своето дете смета дека е посебно и надарено за нешто – вели Петар.

Кога Никола побарал да му ја купат првата Рубикова коцка, не помислиле дека толку ќе се фокусира на решавање на оваа загатка.
– Но сега изгледа толку лесно и едноставно кога ги решава коцките и 4×4, 3×3, 2×2, за кои сепак нам ни е потребно повеќе време и секако поголема желба, каква што има Никола – вели таткото.

Во училиштето каде што оди, како и во сите други државни, нема посебна програма за надарени или талентирани деца.
– Можеби би било подобро кога децата ќе имаат наставници или ментори кои ќе ги следат нивните интереси и во кој правец се движат. Дали е тоа јазик, математика, информатика или музичко, почести натпревари, додатна настава со интересни активности, поинакви учебници, интерактивни игри и слично. На Никола, кој секако ќе прочита, еве ќе му порачам на крајот од годината сите четворки да му бидат петки. Оти знам дека може. Можеби ќе ми биде малку лут, но мора да бидам и критички настроен кон него – се смее татко му.



912

X