Единаесетгодишниот Никола Ѓуретановиќ оди на пливање веќе шест години по ред. Плива шест до седум пати во неделата, од вторник до недела. Во саботите тренира и наутро и попладне, а по утринскиот тренинг посетува и часови по јога. Во недела наутро веднаш по тренингот има и час по гимнастика

Ако го прашате Никола Ѓуретановиќ кој е неговиот сон, како од пушка ќе ви одговори – олимписки шампион. Ова дете, кое има 11 години и е шесто одделение во училиштето „11 Октомври“, буквално „растура“ на натпревари. Се има закитено со десетици медали, но и стотици дипломи од најразлични меѓународни и домашни првенства и лиги.

Фото: Вангел Тануровски

Љубов на прв поглед

Приказната со пливањето почна сосема случајно, почна да ни раскажува мајката на Никола, Анита Ѓуретановиќ.
– Како пргаво и многу активно дете, уште пред да тргне на училиште, пред да наполни шест години, баравме начин да му ја канализираме енергијата и да ја троши низ некој спорт. На средба со својот пријател Горан Стаменов (кој денес му е тренер на Никола), мојот сопруг Бојан му ја кажал „маката“. Го посоветува да го донесеме во пливачкиот клуб „Вардар 2018“, каде што тој работи како тренер. Бојан се врати дома и го праша Никола дали сака да одиме да видиме што прават децата таму, по што заедно отидовме на Олимписки базен. Горан го зеде за раче и го внесе внатре да види одблиску за што станува збор. По само пет минути излегоа заедно и Никола насмеан и радосен рече: „Тато, тука сакам да тренирам!“ Тоа беше љубов на прв поглед и така сè започна – вели Анита.

Никола, Анита и Бојан

Над 120 награди на меѓународни и домашни натпревари

Никола оди на пливање веќе шест години по ред. Плива шест до седум пати во неделата, од вторник до недела. Во саботите тренира и наутро и попладне, а по утринскиот тренинг посетува и часови по јога. Во недела наутро веднаш по тренингот има и час по гимнастика. Негово најголемо достигнување досега е освоено прво место мешано и прво место грбно на меѓународен митинг во Белград.
– Досега Никола има освоено повеќе од 120 награди на меѓународни натпревари, но и во земјата. Последните награди ги доби минатиот викенд, на Зимското национално првенство на Македонија, каде што освои три втори и две трети места во конкуренција на деца помлади од 2006 година. Инаку тој е многу интелигентен, пргав, интересен, духовит, но е и дете што бара многу внимание – додава Анита.
Во поширокото семејство имаат роднини што тренирале и биле успешни во пливањето, а една од братучетките на таткото на Никола е тренер и судија во синхроно пливање.

Најмногу се радува кога на подарок ќе добие опрема за пливање

Таа и нејзиниот сопруг Бојан Ѓуретановиќ се водат од принципите по кои тие биле воспитани од страна на нивните родители.
– Го воспитуваме да биде човек без предрасуди, да има емпатија, отворени сме многу со него, но ги применуваме и сите придружни алатки и мерки, како казните, со цел Никола да стане добар човек. Влијанието на пливањето и во овој сегмент од неговиот живот игра голема улога, како место каде што се учи дисциплината и се почитува хиерархијата – вели Бојан, таткото на Никола.

Според него, најважно во процесот на воспитување е детето да се развие во нормална и позитивна личност, со иста таква перцепција и на животот, родителите и пријателите.
Мајката Анита вели дека безрезервната родителска поддршка му е најголемата мотивација на малиот успешен пливач.
– Секако, и подароците играат улога. Тој многу сака да добива опрема за пливање, капи, костими за капење, очила за пливање, па се трудиме да ги почитуваме неговите желби кога купуваме подароци – додава Анита.

Сакам да јадам пица и да се качувам на вештачки карпи

Омилени стилови му се грбно и мешано. Освен што обожава да плива, сака да игра со другарите од маало, сака да игра видеоигри на компјутер или мобилен, мрежно поврзан со другарите. Ужива и во спортско качување на вештачки карпи.

– Наутро станувам и одам на училиште. По враќањето дома малку се одмарам, за подоцна да пишувам домашна или да учам. Попладне тренирам. Кога ќе се вратам дома, вечерам, седам малку на телефон, но бидејќи денот ми е долг и активен, брзо доаѓа времето за спиење. Имам многу другари, и од пливање и од училиште. Заедно се дружиме по или пред нашите активности, а кога имаме време, излегуваме заедно и се шетаме. Но, дефинитивно, најмногу сакам да пливам, а сонувам еден ден да бидам олимписки шампион. Најмногу сакам да јадам сендвич, пица и житарки – ни рече Никола.



912

X