Никол Кидман отсекогаш сонувала за големо семејство. 54-годишната актерка за новиот број на списанието „Мери Клер Аустралија“ отворено раскажува за нејзината кариера и желбата да има повеќе деца.
– Би сакала да имав повеќе деца, но не ми беше даден тој избор – изјави Кидман.
Со сопругот Кит Урбан, Кидман ги има ќерките Сандеј Роуз (13 години) и Фејт Маргарет (10 години), додека со Том Круз ги има Изабела (28 години) и синот Конор (26 години).
– Би сакала да имав 10 деца. Но, добив шанса да бидам мајка на други деца. Имам шест внуци и кума сум на 12 деца. Го сакам мајчинството, ги сакам децата: необични се, смешни и нефилтрирани. Можете да ги видите како растат и да ги испратите на правилен пат – објаснува таа.
Додека беше во брак со Круз, од 1990 до 2001 година, Кидман имала ектопична бременост и спонтан абортус, па ѝ било кажано дека се мали шансите да забремени.
– Беше огромен, болен копнеж. И загуба! За абортусот не се зборува доволно. Тоа е огромна тага за одредени жени. Од една страна, постои огромна болка, а од друга страна, огромна радост. Кога ќе добиете дете потоа, можете да здивнете – изјави таа во 2018 година.
– Едноставно ги сакам децата. Повеќе од возрасните. Сакам да бидам опкружена со деца. Кит мораше да оди во Нешвил поради објавувањето на новиот албум, па сега живеам со мојата сестра, опкружена со пет деца. Сестра ми одлучи да ми помогне додека снимав – додава таа.