Игротека

„Никогаш нема да ја тргне таа маица“ – малите тестови во бракот

Не сакав да дозволам таа маица да ме победи.

Стоеше на комодата во ходникот на вториот кат од нашата куќа, веднаш пред спалната соба, со денови. Мора да постоеше причина зошто се нашла тука. Можеби мојот сопруг, Даг, сакал да ја облече еден ден, па се премислил. Можеби брзал на работа и немал време да ја врати на место. Имаме две мали деца, утрата секогаш поминуваат во брзање. Зошто завршила во ходникот, на само седум чекори од плакарот во спалната соба, беше мистерија. Тој вообичаено не се пресоблекува во ходникот.

По една недела ја зедов маицата и ја однесов во неговиот плакар, но бев многу бесна додека ги правев тие седум чекори затоа што суштински му давав до знаење дека ќе собирам по него, ако неговите работи поминат доволно време таму каде што не им е место. По цел ден собирам по нашите синови, едниот има девет години, другиот седум. Треба да собирам и по сопругот? Маицата за која станува збор беше бела поло-маица, навидум безопасна. Прво мислев дека е смешно што маицата толку долго не ја тргаше оттаму. Дали воопшто ја видел? Или мојот ум си игра со мене? Дали маицата воопшто постои? Знаев дека не би требало од мува да правам слон. Тоа се точно оние работи што можат да уништат брак. Но, сепак, ми пречеше.

Ѝ кажав на мајка ми.

„Твојот сопруг е лекар“, ми одговори. „Тој нема време да ги трга маиците. Едноставно земи ја ти наместо него“.

Му кажав на мојот терапевт.

„Не мора да кревате врева“, ми рече. „Само споменете ја додека поминувате крај неа. Речете: Ох, таа маица сè уште е тука“.

Не се обидов со ни еден предлог. Наместо тоа, решив да спроведам експеримент: нема да ја тргнам маицата. Да видиме колку време ќе му биде потребно да ја земе. Секој ден се потсетував да се држам до принципите. Нема враќање назад.

Секој брак функционира на свој начин. Јас работам од дома и ги завршувам повеќето задачи што ги имаат домаќинките: ја перам облеката, готвам, се грижам за децата (правам многу повеќе од тоа, но сфаќате за што зборувам). Даг работи полно работно време како лекар и е дежурен секоја трета ноќ и секој втор викенд. Кога е дома, учествува во сè, многу повеќе од некои други мажи што ги познавам. Го фрла ѓубрето, ги пружа алиштата, ги заспива момчињата кога може. (Работи многу повеќе од тоа, но знаете на што мислам). Како и другите мажи, често во детали прераскажува што правел дома и ја чека својата златна ѕвезда. Даг е прекрасен сопруг и татко, но овде не се работеше за распределба на задачите. Се работеше за тоа дека јас собирам и чистам по него. А не сакав да го правам тоа. Така што, експериментот продолжи. Маицата ќе остане во ходникот сè додека тој не ја тргне. Беше тоа како игра на стратегии, но без противник.

Секое утро поминував покрај маицата барајќи некаква трага. Дали малку се поместила налево? Дали Даг ја зел маицата, помислувајќи дека треба да ја врати во плакарот, а потоа се премислил? Некогаш ми се причинуваше така кога ќе ѝ пријдев, но по долго набљудување излезе дека тоа не е случај. Маицата не беше поместена. Ниту сантиметар.

Дали таа маица беше осамена таму во ходникот? Дали ѝ недостигаа нејзините поло-пријатели во боја, во плакарот, кои излегуваа во текот на викендите и во петок навечер? Понекогаш ми се чинеше дека маицата ми зборува додека поминував, дека сака да ме примами. „Што ти е тешко?“, ми велеше, „да ме земеш и да ме вратиш дома?“
„Ова е твојот дом сега“, помислував.

Поминуваа недели. Месеци. Некои денови маицата не ја ни забележував. Некои денови чувствував бес. Почнав да им зборувам на пријателките за тоа. Нивните совети за тоа што треба да направам беа како текст на Роршак кој ја открива динамиката на секој поединечен брак како здрава и комуникативна („Дали му рече дека ти пречи?“) или сервилна и потисната („Само тргни ја. Тоа е обична маица“).

Шест месеци подоцна маицата сè уште беше таму, како да се придружила на постојаната колекција на скапоцени предмети поставени на комодата – фотографијата од мојата мајка со децата, свеќниците на мојата баба и белата поло-маица на мојот маж.

Даг и јас за десет години брак поминавме низ многу работи. Кога првпат останав бремена, мојата мајка се онесвести и итно беше однесена на операција на срцето. Ноќта пред операцијата повраќав, не можев да земам воздух од солзи, убедена дека таа ќе почине, а Даг ме уверуваше дека сè ќе биде во ред и така и беше. Потоа, во 31. недела од бременоста добив контракции. Таа ноќ кога бев примена во болница, лекарот ми раскажа што сè може да тргне наопаку поради предвременото породување, цело време гледајќи во Даг. Даг му рече дека може да оди, а кога вратата се затвори, ми рече дека сè ќе биде во ред и така и беше. Родив здраво момче во 34. недела.

Кога нашиот син имаше еден месец, таткото на Даг дознал дека има рак на мозокот. Даг ми рече дека сè ќе биде во ред, но не беше. Татко му почина 15 месеци подоцна, во моментот кога влегов во втората бременост. Последната работа што Даг му ја кажа на својот татко е дека сум бремена, пет недели. Во втората бременост повторно добив контракции пред време, во 28. недела. Во болница поминав три недели, далеку од сопругот и синот, кој имаше две години, цело време во страв за животот кој го носам во себе. Беше речиси извесно дека ќе биде глув и слеп, ако воопшто преживее. Сепак, во 31. недела родив уште едно здраво момче на кое му дадовме име по мојот свекор.
Ги преживеавме сите лузни и трагедии и нашиот брак затоа беше поцврст.

Но, таа маица.

Знаев дека тоа е само маица. Сепак, што подолго остануваше на таа комода, растеше во симбол на нешто поголемо. На крајот на краиштата, одгледував двајца синови и не смееја да пораснат мислејќи дека работа на нивната мајка е да собира по сите во куќата. Мораа да научат да ги собираат работите по себе. Мораа да научат самите да си го расчистат својот неред, мал или голем. Нема секогаш да бидам тука да средувам за нив, буквално и фигуративно. Повторно почнав да ја забележувам маицата и да ги замислувам нејзините движења. Дали Даг некогаш ја зема, па повторно ја спушта на комодата? Тоа би било лудо. Јас неколку пати сум ја зела, во деновите кога ќе ми попуштеше решителноста. Но, ја враќав. Не смеев да дозволам маицата да победи.

А потоа, еден ден, маицата ја немаше. Не можев да им верувам на своите очи.

„Ја тргна маицата“, му реков на сопругот таа вечер, малку скептично.

„Која маица?“, ме праша.

„Онаа во ходникот“.

„А, да“, рече, како тоа да не е некоја важна работа. Како да не развив цел еден однос со таа маица. Како ништо да не ми значеше.

„Ти благодарам“, реков.

„Ма ништо. Ги тргнав и оние твои чорапи од претсобјето“.

„Кои чорапи?“

Излезе дека тоа биле моите чорапи за тренинг. Или, попрецизно, чорапите што планирав да ги облечам за тренинг, но не го направив тоа. Но, наместо да ги остави таму каде што им е местото, мојот маж љубезно ги отстранил наместо мене, поради што се почувствував уште полуда зашто од неговата глупава маица направив таква драма.
Тоа е со бракот. Се обврзуваме дека ќе бидеме заедно и во добро и во зло, во богатство и сиромаштија, во болест и здравје, мислејќи дека тешките моменти се најголемиот тест. Но, што ако е спротивно? Што ако тешките моменти од нас го изнудат она најдоброто и тогаш да се фокусираме на она што е важно, а зоната на опасност е она кога сме толку самозадоволни да можеме да си дозволиме осум месеци да правиме драма поради маица?

Осум месеци! Навистина ја остави да стои таму осум месеци. А истото, изгледа, го направив и јас.

Автор: Бренда Јановиц

Поврзани написи

To top