Често детето помислува дека откако мама и тато повеќе не се сакаат, ќе престанат да го сакаат и него, дека по заемното отфрлување што го прават родителите, сигурно ќе го отфрлат и него. Детето се чувствува осамено, збунето, тажно, исплашено. Стравува од промените за кои не е подготвено
Зависно од возраста, децата многу често знаат да ја доживеат како голема траума разделбата на нивните родители. Процесот на развод и распадот на семејството некои деца ги доживуваат премногу стресно и болно. Тоа кај нив развива стравови, за чие надминување родителите неретко бараат помош од психолог. Ако родителите не се постават соодветно, децата се соочуваат со емоционални проблеми, тешко им е да ја прифатат настанатата ситуација и почнуваат да живеат со мисла дека мама и тато еден ден повторно ќе се смират.
За тоа со какви проблеми се соочуваат децата, за промените што ги носи разводот кај сите членови, како и за тоа како е најмудро да се постапува со децата за да пораснат во здрави личности, разговараме со Катина Павлоска, специјалист по медицинска психологија во Заводот за ментално здравје на деца и младинци „Младост“ во Скопје.
Каков совет бараат родителите што се во фаза на развод за постапувањето со децата?
– Се случува некои парови што се во фаза на развод да побараат совет како да ги намалат негативните ефекти врз децата, се консултираат за начинот како да им ја соопштат непријатната одлука, како да одговорат на нивните безброј прашања, обвинувања, кaко со нив после разводот…
За жал, паровите што се во постапка за развод, а се обраќаат за совет во нашата институција пред да се појават проблемите кај нивните деца се во занемарлив број. Претпоставувам, се надевам, дека се обраќаат во други установи или советувалишта, водени од фактот дека Заводот сепак претставува здравствена институција до која се доаѓа со упат од матичниот доктор, што за родителите носи значење на евентуално заболување (стигматизација!?). За жал, најголемиот број дисфункционални комуникации во семејството ги откриваме посредно, во текот на самиот преглед на детето кога препознаваме дека симптомите кај детето се поврзани и произлегуваат од случувањата во самото семејство. Во такви ситуации, промените кај децата родителите најчесто не ги поврзуваат со атмосферата во домот.
Да напоменам дека базичниот пристап во работата со нашите пациенти од дијагностички и тераписки аспект е системскиот, односно семејниот. Тоа значи дека децата ги опсервираме во семеен контекст, каде што детето како носител на симптомот може да биде индикатор за дисфункционалните комуникации во семејството. Откако ќе добиеме потврда за нив, во понатамошниот пристап и терапија работиме во паралелни и заеднички сесии, како со детето така и со неговите родители.
Третата ситуација е кога разведените родители се соочуваат со низа емоционални проблеми кај децата во услови на пролонгирана меѓусебна конфликтна комуникација или со спротивставени воспитни ставови на родителскиот пар и др. Во такви ситуации родителите најчесто доаѓаат откако проблемите кај детето веќе се појавени.
И четвртата категорија ја сочинуваат децата што се упатуваат на третман од други институции, најчесто од Центарот за социјална работа. Центарот, како орган за старателство, е вклучен во регулирањето на видувањата меѓу децата и родителите во ситуации на тешки разводи каде што, видувањата на децата со другиот родител се поврзани со многу опструкции и усложнувања. Најчесто тоа се деца на поранешни парови кои со години се заглавени низ постапки во низа институции (обвинителство, суд, центар за социјална работа, лекарски уверенија, вештачења) во докажувањето на својата вистина со инволвирање на најмилите во нив, при што за појавата на симптомите кај оние, за кои се бие битката, виновен е секогаш оној другиот. Во оваа група на деца спаѓаат и децата од бракови кои егзистирале во услови на семејно насилство каде што насилството продолжува и по прекинот на заедницата со инструментализација на децата, кои стануваат монета за поткусурување во рацете на родителите станувајќи и сами жртви на психолошко насилство.
Какви знаци и симптоми најчесто манифестираат децата кога нивните родители поминуваат или поминале низ развод?
– Родителите, како базичен дел од семејниот систем претставуваат основа за чувството на сигурност и безбедност на своите деца. Разводот, секако, доведува до нарушување на базичното чувство на сигурност кај децата (често и кај самиот напуштен родител) што може, но не мора секогаш да резултира со низа транзиторни, а понекогаш и со трајни симптоми.
Какви симптоми може да пројавува детето во процесите низ кои поминува семејството во случај на развод, зависи со многу фактори: неговата биолошка зрелост (возраста), биолошката и психолошката организација (предиспозиција за одреден тип реакции-научен модел на копинг), неговата емоционална, когнитивна и психосоцијална зрелост, квалитетот на семејната организација и комуникацијата помеѓу родителите и децата во претходниот период, додека траел бракот и актуелниот транс и постразводен период, како и присуство или отсуство на социјална патологија: стигма, поддршка на еднородителски семејства…
Најчесто, симптомите се манифестираат во следните области: промени во однесувањето и емоциите – сепарацијата на родителите претставува голем шок за детето, кое не ја разбира и не ја прифаќа новонастанатата ситуација. Во зависност од претходно наведените фактори, кај некои деца очекуваме широк спектар на реакции.
Се чини дека и најмладите деца, кои сè уште не се свесни за ситуацијата, ги чувствуваат нервозата, стресот и напнатоста на мама и тато, на што реагираат со раздразливост, плачливост, немир, промени во апетитот и сл.
Детето што е во предучилишна или рана училишна возраст верува дека сè ќе се среди, дека родителите ќе престанат да се караат и сè ќе биде „како порано“. Кога едниот од родителите ќе го напушти домот, детето доживува дека го загубил оној што му бил важен, дека е измамено, напуштено. Таквите доживувања често резултираат со чувство на лутина, гнев и тага кои често ги насочува (acting-out) кон родителските фигури, братот или сестрата или кон врсниците во градинката, училиштето, во поширокото семејство.
Опсервирате и тенденции за регресивно однесување, кога детето почнува да назадува…
– Да. Опсервираме и тенденции за регресивно однесување, кога детето што веќе е во напредната фаза на осамостојување самостојно јаде и спие, без помош од другите, почнува да назадува и функционира на пониско развојно ниво: го цица прстот или почнува да мокри во креветот, бара да биде носено на раце, да спие во креветот на родителот и слично.
Или кога симптомот е во функција родителите да се дефокусираат од нивните проблеми насочувајќи се на неговиот проблем. Потоа имаме анксиозни нарушувања – повремено, емоционалното страдање децата го манифестираат со појава на тикови, проблеми со сонот во вид на ноќни мори, нарушен ритам на спиење и друго. Регистрираме и појава на ирационални стравови во облик на разновидни анксиозно-фобични манифестации (страв од духови, силни и нагли звуци, грмежи, темница).
Се случува и децата да се обидат да ги помират родителите…
– Се случува промена на улогите – кај децата во училишна возраст често добиваме податоци дека преземаат улога на медијатори обидувајќи се да ги помират скараните родители.
Потоа, често, децата го обвинуваат едниот родител за распадот на семејството и одбиваат да одржуваат комуникација со него.
Кај некои деца што се соочуваат со развод на родителите наоѓаме промени во поглед на училишниот успех, се случуваат бегања од часови или од домот, промени во односите со врсниците и соучениците и слично.
Психосоматски манифестации – промените во семејната структура и организација поврзани со претстојниот, актуелниот или завршениот развод кај некои деца и/или нивните родители резултираат со состојба на пролонгиран стрес и појава на психосоматски манифестации. Децата се жалат на мачнини во стомакот придружени со нагон за повраќање, срцебиење или болки и стегање во градите, тешко дишење, често мокрење или подмочување, вртоглавици, главоболки и други во услови кога направените параклинички испитувања исклучуваат присуство на соматско нарушување.
Во ситуации кога разводот на родителите е придружен со конфликтна комуникација помеѓу нив, која, често е со елементи на заемна дисквалификација кај децата, се развива конфликт на лојалноста, кога од децата бараат да заземат страна, да влезат во коалиција со едниот-против другиот родител. Детето развива чувство на вина кога доживува позитивни емоции и приврзаност кон другиот родител, кои можат да бидат означени како предавство на другиот родител.
Се случуваат проблеми во однесувањето со антисоцијална назначеност. Повозрасните тинејџери можат да манифестираат проблеми при креирањето на сопствените интимни релации, водени од негативните искуства за машко-женските односи доживеани во неговото семејство. Можат да се појават и проблеми во сексуалната сфера, кога нарушената доверба-самодоверба произведува висок степен на несигурност, нагласена срамежливост.
Важно е да нагласам дека споменатите промени и симптоми можат, но не мора задолжително да се појават во ситуации на развод. Исто така, нагласувам дека наведените проблеми што ги регистрираме кај некои деца од дисфункционални семејства не се резервирани само за оваа група, односно одреден број исти или слични промени или симптоми ги наоѓаме и кај деца и младинци во рамките на други растројства.
Практиката познава случаи кога едниот родител, најчесто оној што е старател на детето, кажува неубави работи за другиот родител. Колку ваквото однесување може да направи проблем на долг рок кога се работи за неговото ментално здравје и неговата изградба како личност понатаму низ животот?
– Разводот како стресоген фактор зазема една од врвните позиции на листата со стресови со кои се соочуваат луѓето во текот на животот. Кога зборуваме за евентуалните последици што разводот може да ги остави врз децата, не смееме да заборавиме дека и нивните родители доживуваат силни негативни искуства и емоции, повреди на личното достоинство, разочараност, поврзани со манипулации, злоупотреби …Најчесто се случува кога парот е во жесток конфликт, да има и промена во перцепцијата на другиот кој сè повеќе се пребојува во црно. Негативните коментари и чувства за другиот често ги пласираат неселективно во присуство на децата со цел: негова дисквалификација и отфрлување.
Да се потсетиме дека на родителите им припаѓа улогата со која ги задоволуваат базичните потреби на детето за сигурност, безбедност и заштита што овозможува детето да ги развие чувствата на прифатеност и љубов. Со отфрлување на едниот родител се соочуваме да ги доведеме во прашање емоционалниот и психосоцијалниот развој на детето и развојот на неговата самодоверба, што може да резултира со сепарациони проблеми и проблеми во комуникацијата со другите.
Секој случај е приказна за себе, но има ли вистина во тоа дека децата на разведени родители порано созреваат во секоја смисла во споредба со нивните врсници што растат во семејства со двајца родители? И од што зависи тоа дали децата на разведени родители ќе пораснат во здрави личности?
– Да, сретнуваме голем број млади и возрасни кои релативно успешно се справиле со разводот на родителите додека биле деца и израснале во здрави, емоционално и социјално адаптирани личности кои доживуваат задоволство во нивниот професионален, личен и интимен живот, кои ги перципираме како успешни во нивните кариери, како и во улогите на сопружници и родители, но и снаи и зетовци. Таквиот епилог во голема мера е поврзан со начинот на кој се одвивал разводот на родителите, процесот на разделбата со потесното, но и со поширокото семејството, како се адаптирале родителите со промените во нивните родителски улоги почитувајќи ги новите околности, каков однос изградиле децата кон родителите во новите услови итн. Всушност, во кој правец или како ќе тече развојот на конкретниот поединец, претставува интерплеј на повеќе фактори каде што главните улоги ги играат биолошките, психолошките и општествените особености присутни во животот на детето.
Koи се најчестите грешки што ги прават родителите во фазата на развод? Имате ли совет за нив, како е најдобро да функционираат со цел децата да бидат здрави и успешни личности?
Родителите, заглавени во вителот на непријатните случувања, забораваат дека разводот всушност претставува судска процедура со која правно се прекинува нивното заедничко живеење. И толку! Родителите знаат, но често како да забораваат дека со завршувањето на нивниот брачен однос тие не престануваат да бидат родители, оти со детето не можат да се разведат. За жал, голем број мајки и татковци додека се справуваат со разводните процедури кои се однесуваат на поделбата на имотот, алиментацијата или старателството како да забораваат дека нивното дете се справува со сопствените доживувања, кога без негова волја одеднаш се наоѓа во епицентарот на случувањата. Често детето помислува дека откако мама и тато повеќе не се сакаат, сега веќе ќе престанат да го сакаат и него, дека по заемното отфрлување што го прават мама и тато сигурно ќе го отфрлат и него. Детето се чувствува осамено, збунето, тажно, исплашено. Стравува од промените за кои не е подготвено. Без оглед на правните разврски, родителите не треба да му ги забрануваат или да ги попречуваат контактите на детето со другиот родител во духот на Конвенцијата на ОН за правото на децата да имаат двајца родители. Детето не смее да се користи како инструмент или да биде сведок на конфликтот помеѓу родителите бидејќи самото сепарирање на мама и тато претставува своевидна траума, револуција во животот на детето. Личните емоции на родителите и променетите ставови кон другиот да ги задржат во личната сфера. Добро е да побараат добар слушател кај другарите/ките, братот, сестрата и другите блиски или кај професионалци со кои ќе ги споделат негативните чувства, стравови, оставајќи им на децата чист простор за градење на нивните лични интимни врски со другиот родител. Кога ќе забележат дека нивното дете станува замислено, апатично, го губи интересот за работите, се повлекува од социјалното учество, лошо спие и сл. што може да претставува почеток на депресија, добро е родителите да направат консултација со стручно лице. Да се потрудат, во животот на децата, и покрај разводот, што повеќе работи да останат исти, односно родителите да направат напор да избегнуваат воведување на многу промени во првиот период по разводот. Важно е родителите да му дозволат на детето слободно да ги искаже и своите негативни емоции, притоа да внимаваат како на нив реагираат, следејќи го принципот, наместо емоционална реакција, да му понудат на детето когнитивен одговор.
912