Однос, однос, однос – без сомнение ова е најважното нешто во воспитувањето на децата, вели новозеландскиот клинички психолог Најџел Лата. Односот, вели Лата, е „еликсир за истрошени емоции и стресен живот“.
Лата не е единствената која го става квалитетот на односите на прво место во родителството. Проучувајќи го степенот на влијанието на родителите, американскиот економист Брајан Каплан изнесува прилично разочарувачки податоци за просечниот родител. Џабе плаќате англиски за новороденчиња, часови по пијано за тригодишно дете, програмирање за петгодишниот иден Бил Гејтс.

Истражувањето кое најмногу ни кажува за тоа колку родителите влијаат врз нивните деца, направено врз идентични близнаци кои биле разделени при раѓање и пораснале во сосема различни семејства и средини – вели дека влијанието на родителите полека згаснува со годините.
Разделените близнаци кои никогаш не се виделе, во реалниот живот повеќе личат еден на друг по карактер, кариера, здравје, ниво на среќа, отколку луѓето кои ги одгледале и браќата и сестрите со кои пораснале.
Па, но има една работа во која родителското влијание не избледува.
Вашиот малечок, кому со години сте му читале сликовници секоја вечер, можеби еден ден целосно ќе ги избегнува книгите. Вашиот Ајнштајн со десет медали од математичките олимпијади може да одлучи да стане диџеј.
Но, ако сте биле љубезни, топли и полни со љубов и почит, вашето дете нема да го заборави тоа.
Напорот што го вложувате во добриот однос со вашето дете ќе остави трага што генетиката или околината не можат едноставно да ја избришат.
За 50 години, вашите деца ќе се сетат како сте се однесувале со нив. Ако им дадете наклонетост, веројатно нема да ја заборават. Ако постојано сте им се лутеле, ни тоа нема да го заборават. Добрите (или лошите) спомени се едни од ретките работи што можете да им ги оставите во наследство на вашите деца.
Всушност, добро е да знаете дека не можете да го присилите детето да биде друг Новак или Џобс. Вашите деца веројатно ќе испаднат добри личности во иднина и не мора да се грижите толку многу за нивната иднина што ќе им ја уништите сегашноста поради тоа, како и вашите шанси да бидат запаметени по добро. Фокусирајте се на она што навистина е важно – и уживајте во односот, односот и односот.