Игротека

Неверојатна приказна: Жена која е дел од четворка роди петорка по природен пат

По загубата на своето прво бебе, Тереза Троја од Тексас доживеала неверојатен пресврт. Таа родила пет здрави бебиња.

Како самохрана мајка и една од четирите браќа и сестри од четворка, таа стана горда мајка на петорка и тоа без вештачко оплодување!

Оваа 36-годишна жена ја родила петорката со царски рез на 3 јуни, во 28. недела од бременоста. Поради високите ризици, на породувањето присуствувал цел тим од експерти во болницата „Лас палмас“, каде што секој чекор бил внимателно испланиран, а секој член на тимот ја знаел својата улога не само за самото породување, туку и за грижата во одделението за интензивна нега на новороденчиња.

Тереза родила три девојчиња и две момчиња. Меѓу нив се и идентичните близнаци Изабела и Вивиана, кои ја делеле истата постелка, но растеле во одвоени плодови обвивки. Останатите се Кајла, Џозеф и Џексон.

Иако за време на бременоста доживеала и прекин на врската со таткото на децата, Тереза признава дека тие девет месеци ѝ поминале изненадувачки лесно.

– Немав мачнини, повраќање, не бев отечена, ништо од тоа. Навистина имав среќа – раскажува таа.

Најголем предизвик ѝ бил недостигот на мајчинска поддршка. Нејзината мајка починала пред десет години, а Тереза признава дека ѝ недостигала личност што ќе ѝ даде совет од прва рака за одгледување повеќе деца на иста возраст.

Сепак, таа верува дека има сè што е потребно. И самата пораснала со тројца браќа како дел од четворка.

– За мене е нормално да имаш повеќе браќа и сестри, не знам поинаку. Убаво е секогаш да имаш некој покрај себе – вели таа.

Ова не е нејзина прва бременост. Во објавата со која го прослави доаѓањето на бебињата Тереза оддаде почит на своето прво бебе кое го загубила.

– Твојот краток живот промени сè и засекогаш ме обликува – напиша таа.

Петорката се нејзините виножито-бебиња – термин што се користи за деца родени по спонтан абортус, мртвородено дете или смрт на новороденче.

Ова е првпат во историјата на болницата „Лас палмас“ да се родат пет бебиња одеднаш.

– Одлично напредуваат, растат и се здрави. Ако ги видиш, никогаш не би рекол дека се родени предвреме и дека се петорка – тие се вистински мали борци – вели Тереза.

Извор

Поврзани написи

To top