Оваа приказна ги учи децата да фантазираат, да бидат пријатели, да помагаат и да бидат снаодливи и вешти. Станува збор за две другарчиња – слонот Себастијан и мачката Мичо, кои се впуштаат во морска авантура за да го спасат исчезнатиот градоначалник Џи Би, на кој еден ден мистериозно му се губи трагата. Тие го совладуваат морето со нивната џиновска круша
Шише со порака, семе засадено во земјата кое дава плод за само една ноќ, мистериозна спасувачка операција, пријателство на верни другари – сето тоа во новиот дански анимиран филм „Неверојатната приказна за џиновската круша“, кој од 3 мај ќе се прикажува во киното Cineplexx и во уште 25 киносали и домови на култура во земјава. Филмот е синхронизиран и на македонски и на албански јазик, а ќе биде достапен и на платформата www.cinesqure.net, истовремено во три земји (Македонија, Албанија и Хрватска).
„Неверојатната приказна за џиновската круша“ во режија на Филип Ајнстин Липски, Јурген Лердам и Амелие Несби Фик беше номиниран за најдобар детски филм во КПлус програмата во рамките на Берлинскиот филмски фестивал 2018.
Оваа приказна ги учи децата да фантазираат, да бидат пријатели, да помагаат и да бидат снаодливи и вешти. Тоа е приказна за две другарчиња – слонот Себастијан и мачката Мичо, кои се впуштаат во морска авантура за да го спасат исчезнатиот градоначалник Џи Би, на кој еден ден мистериозно му се губи трагата. Тие го совладуваат морето со нивната џиновска круша и во текот на нивната авантура ќе налетаат на пирати, змејови и чудни духови. Филмот, чиј дистрибутер за Македонија е „Катавеј“ од Скопје, е базиран на истоимената популарна книга за деца од Јакоб Мартин Стрид и е наменет за публика на возраст од 4 до 14 години.
Во Скопје филмот ќе се прикажува во Cineplexx, „Милениум“ и во Кинотеката на Македонија. Филмот ќе го видат и децата во: Куманово, Гостивар, Тетово, Дебар, Прилеп, Битола, Велес, Охрид, Струга, Радовиш, Струмица, Кавадарци, Неготино, Кичево, Гевгелија, Свети Николе, Пехчево, Македонски Брод, Демир Хисар, Крушево, Крива Паланка, Центар Жупа.
Филмот е дел од големиот меѓународен проект кој под капата на програмата МЕДИА на Креативна Европа ќе се реализира во три земји, Македонија, Хрватска и Албанија, откако лани успешно го реализира синхронизираниот филм „Малиот гангстер“, кој го гледаа повеќе од 10.000 деца во Македонија. Проектот, меѓу другото, подразбира и проекции истовремено во трите земји на еден ист филм, синхронизиран на јазикот каде што ќе се прикажува.
Еден филм на три јазици, во три земји, во стотина киносали, на две онлајн-платформи со неограничен број можности за гледање на сите електронски уреди. На овој начин се очекува филмот да достигне до поголем број гледачи комбинирајќи кино и онлајн-дистрибуција. Овој модел се очекува да поттикне провокативни идеи и методи за промоција на филмовите на Балканот и пошироко.
912