Сара Хуремовиќ од Подгорица, која целиот регион ја смета за херој затоа што е самохрана мајка на близначки со Даунов синдром, за неколку месеци на свет ќе донесе уште едно девојче.
Сара ги има 10-годишните Ирма и Илда, кои со нетрпение го очекуваат доаѓањето на сестрата. Бидејќи нивната мајка е во 24. недела од бременоста, породувањето се очекува во декември.
Оваа 30-годишна жена е многу активна на „Инстаграм“, каде што со задоволство споделува со своите 70.000 следбеници како ѝ изгледа секојдневниот живот со нејзините ќерки.
– Кога лекарите ми рекоа дека Ирма и Илда имаат Даунов синдром, на момент бев изгубена во времето и во просторот. Ме исплашија приказните што ми ги кажа генетичарот. Тој беше директен и суров… Откако поминаа неколку часа, се освестив и си реков: „ Јас го можам тоа. Одиме понатаму!“ Цел живот бев борец, па ќе бидам и сега. Уште на девет години продавав бурек во дуќанот на татко ми и заработував за себе. Тоа што тие се поинакви не може да биде мотив да потклекнам и да се откажам – раскажала таа своевремено и докажала дека за неа навистина не постојат пречки, иако ги родила додека била многу млада, на само 20 години.
Во одгледувањето на девојчињата на Сара ѝ помагале нејзините родители, а сега може да се потпре и на својот сопруг Веско. Среќниот пар со нетрпение го очекува доаѓањето на новиот член на семејството.
912