Знаеме дека предвреме родените бебиња се борат за живот од првиот ден од својот живот. И тоа заедно со нивните мајки, татковци, но и со персоналот на болницата каде што мора да останат првпат, сè додека животот надвор не им стане безбеден. За жал, многу предвреме родени бебиња не успеваат во својата борба и оставаат траен белег во срцата на своите родители. Важно е на која возраст се родило детето, колку е развиено итн.
Кога се родил малиот Неш Кин, тој тежел приближно 280 грама и лекарите се сомневале дека ќе преживее. Но, овој мал борец не само што ги надживеал сите прогнози, туку и го прославил својот прв роденден – и официјално влегол во Гинисовата книга на рекорди како најрано родено бебе кое преживеало. Тој е роден во 21. недела од бременоста, точно 133 дена пред терминот, што го прави Неш буквално живо чудо.
-Навистина, навистина уживам во секој момент со Неш и не земам ништо здраво за готово. Да го славам и да го гледам како расте – тоа е најголемата радост во мојот живот – изјавила неговата мајка Моли.
Моли имала тешка бременост, а има и синдром на полицистични јајчници, па на рутински преглед во 20. недела дознала дека веќе има проширување од 2 сантиметри. Набрзо почнале контракциите, а двојката веднаш помислила на најлошото – бидејќи една година претходно ја изгубиле својата ќерка Мекинли во 18. недела поради некомпетентно грло на матката.
-Мислевме дека сè се случува повторно и дека ќе изгубиме уште едно бебе – изјавила Моли за Детската болница „Стед Фемили“ во Ајова, каде што се родил Неш.
Спасување во последен момент
Неш се родил помалку од 10 часа по „преминувањето“ на границата од 21. недела – тој бил едвај доволно стар за да му се укаже соодветна неонатална интензивна нега.
-Понекогаш бебињата родени во 21. недела се премногу мали дури и за нашите најмали дишни цевки. Но, успеавме да ставиме цевка и одеднаш неговиот пулс и нивоата на кислород беа стабилни – истакнала неонатологот д-р Ејми Стенфорд.
Сепак, лекарите сметале дека неговите шанси за преживување се мали. Кога првпат го видела, Моли се исплашила.
-Кожата му беше речиси проѕирна. Можев да ја видам секоја вена во неговото тело. Беше толку страшно.
Неш поминал шест месеци во болница, подложен на безброј тестови, скенирање на срце, операции на цревата и постојана терапија. Конечно се вратил дома во јануари 2025 година. Исто така, го поминал својот прв Божиќ во инкубатор.
-Откако ја загубивме Мекинли, секој момент со Неш беше подарок. Знаевме што можеше да биде – дека можеше да го нема – рекла Моли.
Денес, Неш има една година – иако неговата коригирана возраст е само околу 7 месеци. Коригираната возраст е возраста пресметана од датумот на породување. Тој сè уште не почнал да лази, но се обидува да се превртува и да седи. Сè уште користи кислород одредено време секој ден, има слушни апарати и користи цевка за хранење. Секој ден оди во специјализирана медицинска градинка за да ги добие потребните терапии.
-Има благи доцнења, но е многу упорен. Постојано се залага – вели неговата мајка.
Неш не е само медицински феномен – тој е вистинско чудо на животот. Неговата приказна нè потсетува колку малите моменти можат да бидат големи кога доаѓаат по голема борба. Пред Неш, рекордот го држеше Ричард Скот Вилијам Хачинсон, исто така од САД, кој е роден 131 ден предвреме. Тој е дете на Елизабет и Ричард Хачинсон и е роден на 5 јуни 2020 година, во болницата „Абот Нортвестерн“ во Минеаполис, на гестациска возраст од 21 недела и 2 дена.
Автор: Наташа Крстичевиќ