Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојот син има 14 години и 8 месеци. Нонстоп е нервозен и многу е избувлив. Кога му зборуваме со убаво, тоа дава контраефект. Ако му речеме дека треба да учи, дека ќе прави тест, тој ги кине тетратките и учебниците. Што да направиме?

ОДГОВОР: Тинејџерите се во еден период на транзиција и нагло менување во нивниот развој, што ги води на пат да станат возрасни луѓе. Начинот на комуникација во овој период ќе зависи најнапред од веќе воспоставените интерперсонални врски на родителите и децата, како и утврдените и веќе зацврстени правила на однесување во домот и надвор од него. Доколку во овој период сакате да воспоставите ново структурирање на просторот и времето на функционирање во домот, неопходно е границите и правилата што ќе му ги поставите на тинејџерот да бидат соодветни за неговата возраст, да овозможуваат доволно слобода за осознавање и истражување, но притоа да бидат јасно насочувачки преку обврски и привилегии, награди и казни.

Особено е важно родителите да се вклучат во ова условно речено слободно време на тинејџерот, но не на наметлив и напорен начин, туку на начин кој го уважува нивното растење и нивните интереси. Наместо да го критикувате за она што не го прави или погрешно го прави, обидете се да го охрабрите и да го поттикнете. Земајќи го предвид и тоа дека тинејџерите голем дел од времето го поминуваат на телефон и интернет, пробајте да се вклучите во неговиот свет.

Побарајте да ве вклучи во некоја од видеоигрите за заедно да ја играте. Организирајте некој виртуелен натпревар во состав на целото семејство. Обидете се да обезбедите добра забава за сите. Доближете се до неговите интереси и покажете и вие интерес кон тоа нешто. Откријте кои се неговите приоритети и незадоволени потреби и разговарајте во врска со тоа. Поврзаноста на родителот со децата е многу важна за нивниот психолошки развој и покрај нивната календарска возраст, размислете каква е вашата поврзаност во последниот период и како би можеле да ја обновите и регенерирате повторно.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X