Игротека

Непроценливи животни совети од еден дедо

Писателот и поет Џејмс К Фланган на своите внучиња, од кои најмалото има 5, а најстарото 11 години, им оставил писмо со непроценливи совети извлечени од неговото животно искуство.

На 3 септември 2013 година Џејмс К. Фланган од Њујорк изненадно починал од срцев удар. Неколку месеци претходно го напишал ова писмо, кое е објавено со дозвола на неговата ќерка Рејчел Креигтон.

„Драги Рајан, Конор, Брендон, Чарли и Мери Катарина,
Мојата мудра ќерка Рејчел од мене побара да запишам некои совети за вас, важни работи што сум ги научил во животот.

1. Секој од вас е прекрасен дар од Бога за вашето семејство и за целиот свет. Тоа секогаш имајте го на ум, особено кога ладните ветрови од сомнеж и обесхрабрување ќе навлезат во вашите животи.
2. Не плашете се од никој или од ништо кога треба да го живеете вашиот живот целосно. Следете ги вашите надежи и соништа без оглед на тоа колку се тешки или „различни“ од другите. Луѓето не го прават она што го сакаат или што би требало бидејќи размислуваат што другите би можеле да речат или да помислат. Запомнете, ако не ви донесат пилешка супа кога сте болни или не се до вас кога сте во неволја, тогаш тие луѓе не се важни.
3. Секој на светот е само обична личност. Некои луѓе носат скапи шапки или имаат големи титули или (повремено) имаат моќ и сакаат да мислите дека се над сите други. Не верувајте им. Тие ги имаат истите сомнежи, стравови и надежи: јадат, пијат, спијат и прдат како и сите други. Доведете го авторитетот во прашање, но секогаш бидете паметни и внимавајте како ќе го направите тоа.
4. Однесувајте се според старата ирска поговорка – Фалете ги децата и тие ќе цветаат.

5. Бидете добри и помагајте им на луѓето – особено на слабите, уплашените и децата. Сите носат своја тага и потребно им е вашето сочувство.
6. Немојте да ѝ се придружите на војската или на која било организација што ќе ве тренира да убивате. Војната е зло. Сите војни ги започнале стари луѓе кои ги натерале и ги измамиле младите мажи да се мразат и да се убиваат едни со други. Старите преживуваат, и како што ја започнале војната со хартија и лист, така и ја завршуваат.
7. Читајте книги, колку што можете. Тие се прекрасен извор на уживање, мудрост и инспирација.
8. Бидете искрени.
9. Патувајте: секогаш, но особено кога сте млади. Не чекајте да имате доволно пари или, пак, кога ќе биде сè како што треба. Тоа никогаш нема да се случи.
10. Изберете ја работата или професијата бидејќи ќе сакате тоа да го работите. Секако, ќе има и тешки работи во врска со неа, но работата мора да ви биде уживање.
11. Немојте да викате. Тоа никогаш не успева, а ве повредува и вас и другите. Секојпат кога викав претрпував неуспех.
12. Секогаш исполнувајте го ветувањето што сте им го дале на децата. Немојте да велите „ќе видиме“ доколку мислите „не“. Децата ја очекуваат вистината, дајте им ја со љубов и добрина.
13. Никогаш не велете му на некој дека го сакате ако не го чувствувате тоа.
14. Живејте во хармонија со природата: одете надвор, во шума, на планина, на море, во пустина. Тоа е важно за вашата душа.
15. Прегрнувајте ги луѓето што ги сакате. Кажете им колку ви значат, не чекајте да биде предоцна.

Поврзани написи

To top