Замислете некој да ви каже дека треба повеќе да се смеете или да ве критикува за тоа колку храна имате во чинијата, па дури и да коментира за вашата тежина или да ви каже дека премногу негодувате. Секоја возрасна личност со право би му рекла на таквиот човек да си ја гледа своја работа, а можеби би паднале и „потешки“ зборови. Но кога возрасните така разговараат со деца, одеднаш сето тоа станува прифатливо.
Коментари за изгледот, претпоставки за родови норми, барање физички докази за блискост, осуда поради поинакво однесување, сето тоа е „нормално“ и без многу размислување излегува од устата на некои возрасни кога станува збор за деца. Децата не можат да се спротивстават како возрасните; ограничени се во одговорите, па сето тоа „останува некаде“ во нив. И не им прави добро.
Веб-страницата „Хафпост“ побарала од родителите да наведат примери на реченици што други им ги кажале на нивните деца, а тие ги сметаат за непријатни и лоши. Своето мислење го дале и психолози, а еве кои реченици најчесто се повторувале и се нашле на врвот.
Мораш малку повеќе да се смееш.
Плачеш/се тепаш/пливаш/трчаш како девојче.
Зошто се срамиш?
Момчињата не се бакнуваат и не се гушкаат со момчиња!
Навистина си буцкаст, треба малку да ослабиш.

Овие реченици се изговорени со добра намера, од луѓе кои сакаат да му бидат блиски на детето и да создадат добра слика за себе. Но, тоа ретко излегува така.
– Знаеме дека она што возрасните го кажуваат станува внатрешен глас и дел од идентитетот на детето додека расте. Со вакви коментари ги учиме кои се и што се очекува од нив. Кога го коментираме телото, изгледот или постигнувањата на детето, го учиме дека неговата вредност се темели на тоа што го има или што го прави, а не само на тоа кое е – вели семејниот тарапевт Анреа Шоен.
Проблемот не е лошата намера. Проблемот е во автоматското повторување, без размислување.
– Она што природно ни доаѓа во родителството не е секогаш и најдоброто. Тоа е едноставно она што сме го научиле преку сопствените искуства и примери. Често овие реченици излегуваат од устата на луѓето без размислување – вели Шоен.