Огнен Шешоски, ортопед

Огнен Шешоски, ортопед

Д-р Огнен Шешоски
Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ - Охрид

Повеќе од авторот

Најдобар начин да се активира детето е негово вклучување во спортски активности, од кои најмногу се препорачуваат пливањето, кошарката, одбојката…

Од деформитетите кај децата што не се структурални, односно оние што се флексибилни, најчести се лошото кифотично или сколиотично држење на телото. Тие исто така најчесто се среќаваат во адолесцентната возраст.
Држењето на телото не е константна анатомска одлика на една индивидуа. Настрана од конституционалните – наследните фактори, тоа е слика на состојбата на мускулатурата и нејзината активност и на психолошкиот статус на детето. Кондицијата на мускулатурата зависи од наследноста, но и од мускулниот тренинг. Но треба да се земе предвид и фактот дека во текот на растот на детето растат и мускулите и тоа повеќе во должина отколку во обем, така што постои одредена физиолошка мускулна слабост кај децата во раст. Исто така, пубертетот е период во развојот на личноста маркиран од внатрешни конфликти и начин да се најде сопствената персоналност. Така што вообичаениот ’опуштен‘ начин на држење на телото, особено при седење и пред родителите, може да биде дел само од внатрешниот протест против светот на родителите. Но постојат и други фактори што доведуваат до неправилно држење на телото. На пример, девојчињата во пубертет со ваквото држење на телото несвесно се обидуваат да го скријат фактот на растењето на градите или, пак, некоја друга деформација на градниот кош.

Дали лошото држење на телото може да предизвика понатамошна штета во однос на развивање деформитети на ’рбетот, сè уште е прашање на кое се дискутира. Првенствено треба да се коригираат одредени широко распространети гледишта на проблемот. Од нив најзначајно е да се наведе дека развојот на структуралната идиопатска сколиоза нема ништо со држењето на телото, но од друга страна лошото кифотично држење на телото (свитканоста кон напред) може во некои случаи да влијае врз формирањето фиксирана кифоза.
Од факторите што го определуваат држењето на телото можеме да влијаеме само врз два од нив: состојбата на мускулатурата и евентуално психолошките фактори. Мускулатурата може да се зајакне исклучиво со активност што мора да се преземе од страна на детето или адолесцентот. Во однос на тоа, значаен фактор во активноста на детето е неговата мотивираност. Едно е сигурно, а тоа е дека детето се демотивира ако се натера на одредена физичка активност против своја волја.
Во одредени училишта низ европските земји се воведени часови за правилно држење на телото, но не се покажале како ефикасни. Заклучено е дека најдобар начин да се активира детето е негово вклучување во спортски активности, од кои најмногу се препорачуваат пливањето, кошарката, одбојката и сл. Секако, во спортот е важно и добиеното задоволство од таквата активност. Децата што се пасивни и не се атлетски настроени нерадо учествуваат во натпреварувачките спортови, па затоа тие треба да се мотивираат да се занимаваат со активности како пливање или да посетуваат фитнес-часови на регуларна база.
Значаен фактор што ја промовира пасивноста на децата е значителното време поминато во седење на училиште и дома. Во текот на пасивното седење ’рбетот се стреми да се постави во свиткана положба. Корисни мерки за намалување на ваквата тенденција што можат да бидат преземени се: позиционирање на површината на која се пишува доволно високо и нејзино накривување кон детето, столчиња во кои потколениците се поставени под прав агол и го допираат подот, како и столчиња-топки кои го стимулираат детето да седи во исправена положба и постојано да изведува лесни компензаторни движења кои се корисни за мускулатурата на ’рбетот.

Во однос на ранците што децата ги носат на училиште и нивната тежина, форма и поставеност на грбот, не постојат одредени воопштени научни сознанија и заклучоци. Одредени педијатриски и ортопедски асоцијации сепак препорачуваат тежината на ранците да не надминува 10% од тежината на телото и да се практикуваат ранци со две рамки.
Но она што е значајно уште еднаш да се нагласи е дека постојаното подобрување на држењето на телото единствено може да се постигне со мотивирање на детето да учествува во физички активности кои му причинуваат задоволство.



912

X