Тоа се облици на однесување кои сами по себе се незадоволителни, но укажуваат на виталност, мотивација и почеток на селективна осетливост за една социјална ситуација

Негативизмот е облик на претерано давање отпор од страна на детето. Кога тоа ќе наиде на тешкотија во приспособувањето на своите барања со оние на другите луѓе, повремено станува тврдоглаво, се кара, а понекогаш и отворено се буни. Тоа се јавува зашто родителот или возрасната личност не е во состојба да разбере дека детето  не може да ја направи некоја работа толку добро или брзо како што може повозрасното дете или родителот. Исто така, ако детето е навикнато некој друг да ги врши работите наместо него, може да му биде тешко да се навикне да направи нешто за другите.

Негативизмот е резултат на социјалната ситуација. Се јавува како резултат на начинот на дисциплинирање што го користат родителите и нетолерантниот став што го имаат кон децата за нивните постапки.

Негативизмот во суштина е поврзан со семејните навики и обичаи, кога детето одбива да ги послуша барањата на возрасните.

Формите на негативистичкото однесување се менуваат со возраста на детето. Кај малите деца се јавуваат повеќе форми кои се движат од просто негирање до активно вршење на работите спротивно од она што го бараат возрасните. Негативизмот може да биде намерно контрирање, неизвршување на работите, детето се преправа дека не слушнало или не разбрало што му рекле возрасните.

Помеѓу четвртата и шестата година се смалува физичкиот отпор, а се јавува вербалниот отпор. Детето употребува НЕ како одговор на сите предлози и прашања на родителите и возрасните. Детето користи фини методи правејќи се дека не слуша или не разбира и го прави тоа што сака, поради што родителите доаѓаат до заклучок дека нивното дете ништо не сака да ги послуша.

Истражувањата покажуваат дека кај децата од иста старосна група се јавува ист или сличен начин на однесување.

Негативизмот, непослушноста и тврдоглавоста кај децата се сметаат за знаци на добро социјално приспособување. Тоа се облици на однесување кои сами по себе се незадоволителни, но укажуваат на виталност, мотивација и почеток на селективна осетливост за една социјална ситуација. Детето е тврдоглаво тогаш кога ќе му се постават некои барања кои не може да ги изврши, кога тие барања се понижувачки или, пак, кога се непријатни и болни.

Автор: Доц. д-р Слаѓана Анѓелкоска, психолог, професор на Меѓународниот славјански универзитет „Г. Р. Державин“ – Свети Николе и Битола



912

X