Сосема е нормално телото да се измени по породувањето, но се случуваат и некои неочекувани промени. Затоа, подгответе се навреме…
Не е чудно по породувањето да имате стрии, кожата да е поопуштена и слично. Некои други промени, иако не им се случуваат на сите, сепак треба да се очекуваат.
Опаѓање на косата, промена на структурата и на бојата
Во текот на бременоста на многу жени косата им станува погуста и посјајна поради повишеното ниво на естроген, но тоа се намалува по породувањето. Затоа, околу третиот месец по породувањето на некои мајки почнува да им опаѓа косата.
Исто така, понекогаш се случува да се промени и бојата или структурата на косата, иако тоа е поретко.
Градите се намалуваат
Кога ќе престане лактацијата, градите можат да ви бидат еден број помали споредено со бременоста, вели гинекологот Пари Годси. На пример, ако пред бременоста сте носеле градник со големина Б, можно е во текот на бременоста и доењето градите да се зголемат на Д, а потоа да се намалат на А.
– Се губи и еластичноста на градите, па не изгледаат така бујно како некогаш – вели Годси.
Менструацијата станува „посилна“
Не само што по породувањето со недели ќе крвавите, туку и менструацијата ќе ви биде поинаква, тврди д-р Годси.
– Не е невообичаено жените да имаат посилни менструации по породувањето. Не знаеме зошто се случува тоа, најверојатно тоа е една од мистериите на породувањето – додава тој.
Телото се проширува
Очекувано е стомакот да ви биде малку зголемен по девет месеци бременост. Но, за да се приспособи телото на бебето во стомакот, се шират ребрата, а истото се случува и со колковите, за бебето полесно да излезе. Меѓутоа, по породувањето може да се случи ребрата да не се вратат целосно во претходната положба.
„Некои жени велат дека и кога ќе се вратат на старата тежина, обликот на нивното тело е поинаков – вели д-р Годси.
Темна линија под папокот
Поради хормонските промени што се случуваат во секое тримесечје, кожата на одредени делови од телото, на пример, на брадавиците, станува потемна. Чудно, но може да се случи и на абдоменот да се појави темна линија, под папокот.
– Кога хормоните ќе се вратат на нормала по породувањето, овие промени обично исчезнуваат, но кај некои жени остануваат – вели гинекологот. Во таков случај, единствено решение е дерматолог да ви препорача некаква опција за ублажување на дисколорацијата.
Стапалата растат
Кога во стомакот имате бебе, обувањето чевли и патики е вистински спорт, а и нозете отекуваат. Освен тоа, бидејќи телото мора да се приспособи на новата тежина, може да се случи лакот на стапалата да се спушти од тежината, така што стапалото може да се зголеми за еден број! Докторите велат дека кај некои жени оваа промена останува трајна.
Прстите се подебели
Отекувањето на телото во бременоста остава трага и врз прстите. Може да се случи и со недели по породувањето да не можете да го ставите прстенот што претходно сте го носеле. Понекогаш изгледа како и зглобовите на прстите да го промениле обликот.
Постојат податоци кои покажуваат дека оваа промена е трајна, но може да се случи да потрае извесно време пред прстите да се вратат на нормалниот облик.