Податоците објавени од Светската здравствена организација во 2023 година покажуваат дека едно од сто деца во светот се раѓа со аутизам. Со оглед на тоа што оваа дијагноза станува сè почеста кај децата, важно е родителите да бидат информирани за симптомите што можат да укажуваат на аутизам за да можат да ги препознаат навреме.
Психологот Алена Легостаева открива кои однесувања и знаци можат да бидат „црвени знамиња“ и да укажуваат на потенцијална дијагноза на аутизам кај децата:
-Детето не реагира на своето име или го прави тоа многу ретко, иако слухот му е во ред.
-Не знае како да користи гестови за покажување во комуникацијата, односно не покажува со прст кон предметите што ги сака или кон работите што сака да им ги покаже на родителите.
-Не гледа во возрасната личност кога го прашува нешто, како да не му зборува никој.
-Не се осврнува назад, ниту го бара својот родител ако одеднаш исчезне од неговиот вид.
-Си игра со играчки на „чуден“ начин: ги доближува многу до очите, може долго време да ги врти тркалата на автомобилот со прстот и да ги гледа, постојано ги реди играчките по одреден редослед и не дозволува возрасен да му се меша во игрите.
-Детето не зборува и има тешкотии со разбирањето на говорот. Можете да го проверите ова така што ќе го замолите детето да направи нешто едноставно, на пример, да донесе книга или да покаже играчка.
-Детето почнува да кажува некои зборови, но со текот на времето се чини дека ги „заборава“.
-Инсистира сè да биде предвидливо и исто: сака да оди по истите патеки, да јаде строго одредена храна и да ја носи истата облека. Ако нешто се промени (или ако неговите родители се обидат да променат), многу се вознемирува.

Психологот нагласува дека децата на одредена возраст имаат фаза кога сакаат сè да биде предвидливо, да се повторува, но во некои ситуации ова може да биде знак на аутизам. Во секој случај, ако забележите некој од овие симптоми кај вашето дете, знајте дека тоа не мора да значи дека детето навистина има аутизам, но најдобро е да се консултирате со професионалец за евалуација.
Автор: Наташа Златковиќ