Пораките што им ги упатуваме на децата можат да бидат дефинирани и како рани забрани. Детето е навидум беспомошно поради својата мала моќ, но тоа може, а и не мора да ги прифати забраните, колку и да се јаки. Утврдено е дека и многу забрани што не биле така упатени, туку се плод на заклучоците на детето поттикнати од неговите фантазии и замисли или од неговите погрешно донесени заклучоци. Со ваквата психолошка проблематика се занимава трансакционата анализа, каде што се систематизирани дванаесет типа рани забрани:

Немој да постоиш! Како психолошка забрана се пренесува преку пораките упатени од родителите, на пример: „Да не беше ти , јас сега ќе можев да…“

Немој! Тоа е забрана карактеристична за родителите кои презаштитнички се однесуваат кон своето дете и се обидуваат да го спасат од реалниот свет упатувајќи му зборови, на пример: „Немој да правиш ништо, јас ќе средам сè.“

Не биди близок! Се пренесува преку пораките од типот: „Сè уште си мала да се приврзеш за некого“; „Не кажувај им ништо на другарките, ќе те злоупотребат.“

Немој да бидеш важен/значаен! Се наоѓа во пораките: „Овде јас кажувам, тебе никој не те праша“ или „Не смееш да ми враќаш, не сакам и нема да те слушам.“

Немој да бидеш дете е психолошка забрана која е присутна кај родители кои сакаат своето дете веднаш да порасне и уште во најрана возраст да го разбира светот на возрасните.

Немој да пораснеш! Оваа забрана се користи од страна на родителите најчесто кон најмалите деца во семејството или кога таткото сака да ја заштити својата ќерка од рана бременост или партнерство.

Немој да успееш е забрана која ја пренесуваат родители кои се перфекционисти и секогаш имаат замерка за сработеното на детето. На пример: „Не можеш оваа да го научиш, претешко е за тебе; „Петка на тестот, ама џабе кога не е со 100 поени.“

Немој Ти да бидеш ТИ е психолошка забрана која се јавува кога родителите не го прифаќаат детето такво какво што е или кога прават споредби меѓу децата во семејството.

Немој да бидеш здрав! се пренесува преку пораките на родители кои се преокупирани со здравјето на нивното дете пренесувајќи ги како: „Ти си слаб, не можеш да го издржиш тоа“ или „Ти често се разболуваш, не е во ред да излегуваш доцна“, „Ваква болешлива и нежна не можеш да го издржиш тренингот по одбојка.“

Немој да припаѓаш! Се пренесува преку пораки кои претендираат совршенство или го дефинираат детето како „изрод“.

Немој да мислиш! Тоа е психолошка забрана која се пренесува преку пораки од типот: „Не мисли на тоа; Готово, тоа е завршена тема; не мисли и не зборувај на таа тема“ итн.

Немој да чувствуваш! Искажана е преку пораки: „Не драматизирај“; „Немој да плачеш“; „Немој да креваш врева, ти си женско и не ти доликува ова.“



912

X