Родителот секогаш го сака најдоброто за своето дете. И покрај тоа, многу често се случува токму поради родителските очекувања, детето да чувствува притисок и да расте обидувајќи се да ги исполни туѓите желби, притоа занемарувајќи ги сопствените. Посебен притисок се става врз момчињата од кои се бара да бидат доминантни, мажествени и по ниедна цена да не покажуваат емоции. Накратко, да не бидат како девојчињата.
„Шутни ја таа топка посилно, трчаш како девојче!“ Вакви и слични коментари можеме да слушнеме барем дваесетина пати за време на одмор во училишниот двор, градинка или парк. Зошто зборот „девојче“ е навреда? Кога ги учиме момчињата дека девојчињата се слаби, ги учиме и дека тие се посилни, поважни и подобри. Речиси станува „нормално“ момчето да мисли само на себе и својата корист, а девојчето прво да мисли на другите. Овие модели на воспитување носат повеќе штета отколку корист.
Мајките често се советуваат да не ги галат, бакнуваат и гушкаат своите синови затоа што така ќе направеле од нив „мамини синови“, а тоа, наводно, е лошо. Момчињата треба да бидат „цврсти“! Но со наметнување слика за „идеално момче“, создаваме несигурна личност која сопственото незадоволство го искажува преку агресија и бес. На почеток, тие негативни модели се насочени кон послабите, врсници или животни, а подоцна, многу често, кон жена или кон деца. Додека се мали, агресивното, дрско однесување лесно се премолчува и оправдува со изговорот „такви се момчињата“. Но, во адолесценцијата веќе ги гледаме сериозните последици од таквото воспитување, а тогаш е доцна за длабоки промени.

Момчињата и девојчињата треба да се воспитуваат по ист образец. Кога родителите ќе го чујат ова, најчесто настанува забуна. Ајде да разјасниме: тоа не значи дека треба насила да го облекувате момчето во фустан. Истото воспитување за двата пола значи дека и момчето и девојчето имаат право да ги изразат своите емоции на ист начин. Сосема е во ред момчето да заплаче или девојчето да се налути. Истото воспитување значи дека ги учиме децата да почитуваат и уважуваат секого, без оглед на полот. Значи, нема да го користиме зборот „девојче“ како навреда, ниту ќе воведуваме однесувања „резервирани“ само за момчиња, како „Не трчај толку, тоа го прават момчињата“. Не треба да ги учиме момчињата дека девојчињата се слаби и помалку вредни, ниту девојчињата дека момчињата се груби затоа што тоа не е вистина. Децата го усвојуваат вредносниот систем што им го нудиме ние.
Како (не)свесно ги уништуваме момчињата: „Не плачи, не си девојче“
Од раѓање, пред родителите стои предизвикот од момчето да создадат „вистински маж“. Тој предизвик подразбира листа со непишани правила што секое момче, а подоцна и маж, мора да ги следи за да биде и да остане „вистински“. Вистински маж е тој што се држи подалеку од црвена, розова и виолетова боја. Тој што секогаш е подготвен да се тепа. Тој што е силен, спортски тип. Тој што е газда и по секоја цена го наметнува својот став. Тој што слободното време го троши на видеоигри, пукање со пушка, ковање шајки и борачки вештини. Зошто?
Треба да имаме предвид дека некое момче сака да помага во кујна, да свири гитара или да црта, и тоа не го прави помалку маж, исто како што златен медал од фудбал не го прави подобар. Мора да престанеме да веруваме дека постои само еден правилен начин да се биде момче. Да го нормализираме тоа дека секој, без разлика на полот, пред сè треба да биде чесен, полн со разбирање, нежен, подготвен да помогне, да сака и да штити. Така ќе создадеме многу поубаво и поздраво општество.