Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам синче од 6 години кое неодамна почна со школување и со социјализација. Се чувствувам како да немам доволно трпение и за учење со него и за воспитување. Го повишувам тонот сѐ почесто, а потоа имам грижа на совест, секако. Татко му кога го кара, јас се мешам, не дозволувам да му се обраќа на висок тон за сѐ и сешто. А детето како да не е баш воодушевено што оди на училиште, неволно пишува домашни, баш и не покажува интерес за училиште. Се плашам да не му ги префрлам моите притисоци од работата и секојдневието. Загрижена сум. Каде грешам?

ОДГОВОР: Почнувањето на училиште е некој вид испит и за детето и за родителите. Колку и да се подготвуваме за почнувањето на училиште, тоа се мигови исполнети со возбуда, очекување и нѐ поврзуваат со успешноста како родители и детската способност.
Најдобар начин да му помогнете на вашето синче е да го охрабрувате во пишувањето домашни задачи и да му покажувате дека верувате во него во завршувањето на обврските кон домот и училиштето.

Одењето на училиште можете да му го олесните со многу позитивен разговор за настаните што се случуваат во училиште и покажете му ја вашата радост за тоа што зачекорило во светот на возрасните, каде што има многу знаења и нови истражувачки работи. Низ разговор претставете му го училиштето како место каде што ќе стекне нови работни навики, нови другарчиња и многу знаење.

Бидете во контакт со учителката и барајте информации како вашето синче се снаоѓа со другите деца, како ги усогласува сопствените желби во однос со другите, како се приспособува во соработка со другите деца, кои му се јаки и слаби страни и во кое подрачје е успешен. На овој начин ќе му давате поддршка на вашето дете, ќе ги уважувате советите од училиштето и полесно ќе се справите со вашите чувства и несигурност каде грешите.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X