Би сакала да кажам дека сакам да излегувам, меѓутоа ако кажам така, ќе излажам. Вистината е дека колку што сум постара, толку помалку ми се допаѓаат социјалните настани.
Мислам дека со тоа има врска сета нервоза поврзана со подготвувањето за излегување, превозот, да се најде кој ќе ги чува децата и облекувањето на вистинските панталони. Непотребно е да се каже дека како интроверт со способност да поминам како екстроверт (амбиверт) имам тенденција да го збунам моето друштво. Да, сакам да го видам светот, да водам интересни разговори и понекогаш да одам на концерт, но тоа не значи дека секогаш ми е удобно да го правам тоа.
Првиот час од настанот ми дава енергија и возбуда, можеби подолго доколку има и танцување. Но потоа повеќе би сакала да сум дома. Се чувствувам исцрпено и сакам да си легнам в кревет.
Знам дека повеќето од моите врсници се борат со страв од пропуштање и се вознемирени за претстојната забава, но јас не. Ако ништо друго, јас сум радосна што пропуштам и го прославувам фактот дека поради тоа што немам фејсбук-страница, другите заборават да ме поканат на некој настан.
Заедно со радоста за пропуштање настани постојат и други работи што ги научив за себе бидејќи го прифаќам животот како амбиверт.
Групи
Не сакам групи составени од пет или повеќе луѓе. Но сите групи не се исти. Неодамна открив дека можам да ги свртам во моја корист. На пример, уживам дома во група од двајца или тројца блиски луѓе. Групата е доволно мала за да не се чувствувам совладана, но доволно голема за да се одржува разговор. Уживам дома во дружењето со моите деца.
Јас навистина не пропуштам ништо
Светот е полн со настани и луѓе. Мразам што се однесуваме како секој настан да е искуство еднаш во животот. Порано ги игнорирав коментарите како: „Никогаш не одиш никаде“. Не, јас одам на многу места, само не ми е потребно да одам секаде.
Блиските ме сфаќаат
Повремено страдам од социјална анксиозност. Не е конзистентна и одредени ситуации повеќе ми предизвикуваат вакво чувство. Важно е дека моите пријатели знаат за мене и ме сфаќаат.
Не дозволувајте да ве притискаат во социјални ситуации што ќе направат да ви биде непријатно. Луѓето што се грижат за вас ќе ве сфатат.
Забележав дека селективноста за тоа како го поминувам моето време направи пригодите поминати со другите луѓе да ми бидат свети. Моите блиски и јас често се инспирираме едни од други, и го ценам тоа. Важните интеракции се поврзани со квалитетот, а не со квантитетот.
Нема ништо лошо во прескокнувањето на социјалните настани и во претпочитањето мали интимни групи.
Автор: Рохаун Медоус-Фернандез