На претшколска возраст се развива емоционалниот свет на детето и постапно се учи саморегулацијата. Кои ситуации предизвикуваат одредени емоции, како треба да се изразуваат и да се регулираат, децата учат од своите родители и од општеството во кое растат. Кај некои деца овој процес се развива полесно и со повремени тешкотии и родителите и детето успешно се носат со емоциите што надоаѓаат. Во стресни ситуации, во околина каде што детето не може да се изрази или која има неадекватни реакции, децата можат да почнат да се однесуваат агресивно кон себе или кон другите.

Како доаѓа до агресија?

Лутењето е нормална реакција на фрустрација, стрес и разочарување. Децата почнуваат да искажуваат лутење веќе во третиот месец од животот, а на претшколска возраст може да се забележи во вид на тантруми или агресивни реакции. Карактеристично за лутењето е што во текот на емоционалниот развој се менува начинот на кој се изразува – на почеток може да биде изразено како физичка агресија (удирање на возрасни, други деца и себеси), подоцна како вербална (викање, исмејување, расправање) и нешто посуптилен облик на социјално исклучување и игнорирање. Физичката агресија е најизразена околу втората година, а се намалува со вербалниот развој.

Кога ќе се изрази на незагрозувачки начин, лутењето ни помага да ги покажеме и да ги чуваме своите граници и нè мотивира да ги решаваме проблемите. Ова значи дека лутењето е нужна и корисна емоција! Меѓутоа, важно е да се научи како да се манифестира на недеструктивен начин. Додека не ја развијат саморегулацијата, децата можат да го изразуваат лутењето на различни начини, кои на родителите им создаваат тешкотии. Тогаш некои возвраќаат со агресија, а дел од родителите го игнорираат таквото однесување, но се чувствуваат беспомошни и не гледаат решение.

Реченици што не им помагаат на децата!
* Нема за што да се лутиш сега!
* Да, најлесно ти е да се налутиш!
* Види колку си убав кога не се лутиш!
* Добрите деца не се лутат.
* Ќе добиеш казна ако не престанеш да се лутиш.
* Ќе ја викнам Маја кај нас, па ќе ѝ кажам дека не си се налутила на неа и дека ти е жал.
* Касни чоколадо и заборави го тоа.
* Немој да се лутиш.

Со одрекување, казнување, игнорирање и претерана заштита на децата им праќаме порака дека нивните чувства не се важни, дека треба да ги скријат, со што им оневозможуваме здрав развој.

Како да му помогнеме на детето да го надмине лутењето?

Како и другите емоции, важно е пред сè лутењето да се препознае. Каде се јавува во телото, кои мисли тогаш ни поминуваат низ главата, како се однесуваме? Родителите можат да му помогнат на детето да го препознае лутењето кога ќе се појави – понекогаш се забележува од погледот, начинот на говор или напнатоста на телото. Вториот чекор е усвојување стратегии како да се надмине лутењето – на некои деца им помага физичката активност, додека на други – играњето со пластелин во мирно катче. Но, на децата во тие моменти најмногу им треба возрасно лице кое може да издржи и да прифати дека тие се налутени. Важно е децата да научат од возрасните дека лутењето е нормална човечка емоција и дека постојат прифатливи и безбедни начини за нејзино изразување. Во зависност од темпераментот и личноста на детето, родителите можат да најдат многу креативни активности кои ќе ги практикува детето во таквите ситуации.

Родителите како модел на однесување

Децата учат од примерите на возрасните што ги воспитуваат. Ако родителите реагираат агресивно, децата по тој модел учат дека агресијата е прифатлив начин на реагирање. Кога ќе забележите дека вашето дете само се повредува, прекинете го таквото однесување и дајте му поддршка и утеха. Размислете дали во тој период ви се случиле ситуации кои можеле да влијаат врз ваквото однесување. Во случај таквото однесување да трае подолго време, секако треба да се обратите до стручњаци за да добиете соодветна помош и поддршка.

Анамарија Вуиќ, магистер по психологија

 



912

X