Во баварскиот град Велбург родителите би можеле да се соочат со висока казна ако задоцнат со носењето на децата во градинка, почнувајќи од оваа есен. По многубројни изговори како што се „не ми заѕвони алармот“, „заглавив во сообраќај“ или „заборавивме да дојдеме“, градските власти одлучија да воведат казни.
Од 1 септември 2025 година родителите ќе плаќаат 10 евра за секои 15 минути што ќе задоцнат. Оваа одлука важи за сите градски предучилишни установи, вклучувајќи ги градинките, јаслите и шумската градинка.
Доцнењето станало секојдневна појава
Според вработените, доцнењето станало секојдневна појава. Децата често остануваат половина час по затворањето, а две воспитувачки мора да останат со нив додека некој не ги земе. Овие дополнителни часови често се неплатени, што создава незадоволство кај вработените.
-Ова не се случува само повремено и не се секогаш исти родители – објаснила заменик-директорката на градинката. Таа додала дека родителите прво ќе добијат две усни опомени, а доколку доцнењето се повтори по трет пат во истата учебна година, ќе следува казна.
-И нашите наставници имаат свои одговорности и не е пријатно децата да чекаат сами – заклучила таа.
Градинките во Велбург ќе бидат отворени до 16 часот од понеделник до четврток, а до 15 часот во петок. Новите правила ќе важат по две претходни опомени, а казната ќе се пресметува за секое ново доцнење.

Градскиот совет едногласно ја поддржува одлуката
Градскиот совет ја донел одлуката едногласно, по консултации со родителите и раководителите на градинките. Градоначалникот Кристијан Шмид истакнал дека таква мерка веќе е воведена во некои други општини и е правно издржана. Тој, исто така, смета дека требало да се започне порано.
Предупредил на верижната реакција предизвикана од престојот на наставниците по работното време.
-Ако останат подолго попладне, мора да земат слободно утро, токму кога има најмногу деца во градинката и кога ни се најпотребни – истакнал тој.
Додека некои родители ги поддржуваат новите правила и велат дека е време да се воведе ред, други сметаат дека казните се премногу строги.