Оваа година децата не се во можност да се збогуваат со воспитувачките и со негувателките кои се грижеле за нив, а не можат ниту да се гушнат со другарчињата од групата

Учебната година во училиштата завршува, но ова е период кога и градинките го одбележуваат крајот на тековната година. Налето групите се мешаат, а голем број деца не посетуваат градинка. Пред коронавирусот, кој ги затвори и училиштата и градинките, традиционално овој период го одбележуваа завршни приредби. Но, покрај приредбите за родителите, во некои градинки од пред неколку години се изработуваат алманаси, таблоа, како и фотографии кои им остануваат за спомен и на родителите и на децата. Сега приредби нема, а практиката со таблоа и алманаси станува сè почеста.

Цена – од 300 до 500 денари

Новината предизвикува различни коментари кај родителите, од такви дека децата ќе имаат спомен, до тоа дека нема поента зашто фотографиите се доволни.

Ружица Биџовска, директорката на градинката „13 Ноември“ во Општина Центар, вели дека изработката на алманах со фотографии и текст и таблото е нешто што е традиција во оваа градинка.

Ружица Биџовска

– Дечињата во поголемите групи, за жал, немаат можност да се поздрават годинава. Изостанаа и приредбите, како и работилниците со родителите. Одлуката за изработка на алманах и табло помина на родителски одбор, секако, тоа е направено со дозвола на родителите, а тоа за сите претставува радост зашто покажуваме дека и во вакви услови не ги забораваме децата. Тие се фотографираа, односно секој родител си го фотографираше детето дома и директно ги испраќаше сликите во фотостудиото преку „Вибер“. Други години доаѓаа луѓе од фотостудио и ги сликаа дечињата во градинката. Ситуацијата годинава наложи ова да се изведе на поинаков начин – вели Биџовска.

Цената за овие услуги во различни градинки е различна, а се движи од 300 до 500 денари.

Надица Гировска, директорката на градинката „Орце Николов“ во Карпош, исто така ни кажа дека традиционално секоја година се изработува алманах и табло за децата што се во завршна година.

Надица Гировска

– Кај нас ова е практика од многу одамна, но сакам да потенцирам дека ова е желба на родителите. Годинава сите жалиме што немаме ниту одбележување на јубилеј на градинката ниту завршна приредба. Радост е секој родител да си го види детето на приредба и тие ова си го доживуваат како фаза која го одбележува безгрижниот живот на децата. Ние одлучивме секој да си го фотографира детето дома, а ако дозволува ситуацијата, во август би организирале некоја средба на отворено, за дечињата да се поздрават и да се видат. Инаку, како тренд изработката на табло и алманах постои со години, а се случува главно на барање и желба на родителите – вели Гировска.

Годинашниот алманах е направен како книга, во која има фотографија и текст за секое детенце, кој е убаво осмислен. За ова родителите платиле по 400 денари.

И во основните училишта се изготвуваат алманаси. Јовица Остојиќ, директор на училиштето „Кочо Рацин“, информира дека објавиле оглас на кој се јавуваат фотостудија што имаат лиценци и дозволи за нивната работа.

– Изборот го направивме во февруари, беше избрана комисија овластена од мене, која избра фотостудио. Децата во деветто одделение ќе си добијат алманаси – рече директорот.

Доживувањата поделени

– Јас бев таа што го иницира правењето алманах. Ќе им остане спомен на децата. И за постарата ќерка тоа го направив пред неколку години. Сметам дека не е голем трошокот зашто е спомен – вели Сања Н. од Скопје.

Друга мајка вели дека реагирала за ваквата практика зашто ѝ изгледа бесмислена.

– За постарото дете се бунев на родителска. И во групата на „Вибер“ сите беа против, ама во градинка молчеа и кимаа со главата дека се согласна. Ако не се согласев, само моето дете немаше да земе алманах. Годинава за другото не сакам воопшто да трошам енергија. Освен трошок, нема поента во тоа што се прави. Децата имаат слики од приредби, тоа е поскапоцен спомен зашто се спонтани фотографии, а сега со технологијата и комуницираат преку нас, родителите, не се забораваат – вели таа.

Некои родители велат дека може треба да се воведе поинаква традиција за децата да се чувствуваат значајни.

– Јас се сеќавам кога бевме мали, имавме приредба и ни даваа дипломи, огромни (тогаш така ми изгледаа), со преклоп и баш пишуваше диплома. Имавме и слики со капи. Не е може табло и алманах, ама беше одамна. Во Америка речиси секоја година има алманах – вели родител.



912

X