Игротека

Сакам да знаеш дека си најубавата работа што ни се случила

Сакам. Сакам да ти биде убаво. Да уживаш секој ден, во секој момент. Да ти бидеме асоцијација на сигурност, љубов, топлина, заедница. Солзите да ти ги претвораме во насмевки. Да ти ги боиме сивите денови. Да ги помниш сите убави и среќни моменти. Да те носиме на летувања и зимувања. Да те научам да одиш. Да трчаш.

Да нè држиш за раце додека шетаме. А потоа да се затрчаме малку, па да те подигнеме, онака како што сакаат сите деца. Да ти купуваме сладолед и пуканки на шеталиштето од уличните продавачи. Верувај, нема ништо поубаво од сладолед на точење. Со тато. И од држење за рака со мама. Со време ќе сфатиш што тие раце можат за тебе. Но, со време. Јас го сфатив тоа дури кога те добив тебе.

Сакам.

Тато да те учи да возиш велосипед, да пливаш и да скокаш од карпа. Да имаш дарба за пишување на мене. Да бидеш своја, креативна, доследна, истрајна. Биди слободна, тврдоглава. Мое е со тоа да се борам и да (не) се изборам.

„Мамо, лоша ли си?“, ме прашува ќерка ми откако ќе се врати од кај татко ѝ

Кога ќе ти се плаче во животот – плачи. Но, јас ќе се потрудам многу повеќе да се смееш – барем за оние работи на кои би можела да влијаам. Животот не е баш секогаш слатко од шумски јагоди.

Сакам.

Да ти бидам најдобрата мајка што некогаш си можела да ја добиеш. Да бидеш горда на својот татко и на мене. Да бидеме пријателки. Еден ден, како големо девојче, а потоа и девојка и жена, со мене да зборуваш за сè. Да можеш да ни се довериш секогаш. Тато, веројатно како и секој татко, ќе ги дочекува момчињата намуртен. Не грижи се. И дедо се муртеше. Откако те има тебе, не се мурти повеќе. Уште е помек отколку што беше. Сето она што мене не ми беше дозволено – тебе ми се чини дека ќе ти биде. Едвај чекам да започне од почеток, нова сезона на раскажување приказни за добра ноќ.

Сакам.

Да имаш среќно и радосно детство. Какво што имав јас. Да бидеш здрава и среќна. Весела и разиграна. Еден ден да станеш она што ќе го посакаш во животот. Да бидеш опкружена со добри луѓе, да научиш да ги препознаеш оние што не се. Да не се лутиш, барем не мене, додека ти ѕвонам да не одиш боса, убаво да ја исушиш косата, да понесеш чадор и да облечеш маица. Верувај ми, сето тоа е баш досадно, но е посилно од една мајка.

Сакам. Сакам. Да се запишеш еден ден на факултет, да патуваш, да ги поминеш сите градови и места што сакаш. Секогаш да го гледаш светлото, без разлика во кој тунел ќе влезеш во животот. Да не се плашиш кога ќе ти изгледа како да се тресе шумата од некој проблем. Сè се решава. Бидејќи имаш каде да одиш, да се засолниш, или да се вратиш.

Сакам еден ден, кога на тоа ќе дојде ред, а ќе дојде бидејќи годините се тркалаат како лубеница низ брдо, да најдеш некој што ќе те сака и чува како што твојот дедо ја сака и чува баба, а твојот тато – мене. Да те третира онака како што заслужуваш. Добро, сега веќе отидов предалеку. Но, ете, да знаеш.

Сакам да знаеш дека си најубавата работа што ни се случила. И не, тоа не е убава приказна за весник. Тоа е вистина. Ми помогна да го завршам портретот на мојот живот. На сè додаде боја. Разубави се, воздигни се, промени се. Дај му на сè смисла и поента.

А тато и јас… Стануваме наутро и легнуваме навечер со истата цел, а тоа е тебе да ти биде добро. Тебе ништо да не ти недостига. И така ќе биде додека нè има. Мило наше девојче.

Автор: Сања Митиќ

Поврзани написи

To top