Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка има 20 месеци и до пред два месеца јадеше сѐ без никаков проблем, но сега веќе не е така. Во градинка некогаш јаде, а дома никако, сѐ е со молење. Порано наутро јадеше сѐ што ќе ѝ дадев, но сега веќе нема појадок како оброк наутро, ни ручек ни вечера, апсолутно ништо и веќе сум многу загрижена. И го давам она што го сакала претходно да го јаде, но едноставно не сака ни да проба. За ручек не сака да помисли да јаде зеленчук или нешто што ќе и подготвам, единствено сака само супа и тоа некогаш е со молење, исто така. Ѝ давам витамини, но за жал нема подобрување. Дали има вакви периоди, колку долго траат, што да се преземе со нејадењето?

ОДГОВОР: Одбивањето храна, за жал, е многу честа фаза низ која поминуваат голем број мали деца. Се претпоставува дека одбивањето нова храна и одбивањето храна воопшто кај децата во текот на втората година од животот претставува несвесен механизам за преживување кој ги штити од тоа да се затрујат со нешто со што би дошле во контакт од околината која сѐ поактивно и помобилно ја истражуваат. Ако до претходно целиот свет го истражувале и осознавале преку устата, сега устата не е толку доминантна и преминува во споредно средство за истражување додека другите сетила стануваат подоминантни.

Фазата на нејадење или намалено јадење е присутна кај поголемиот број деца, но кај некои е поочигледна, а кај некои поминува многу незабележително. Оваа фаза најчесто поминува сама од себе без поголеми проблеми.
Она што е важно да го земете предвид е дека децата се раѓаат со одлична организмичка сморегулација и одбиваат дополнителна храна кога доволно јаделе, односно кога чувствуваат дека не им е потребна. Исто така, треба да имате предвид дека вашето дете природно може да јаде количински помалку храна од другите деца на истата возраст согласно неговиот индивидуален раст, развој, дневни активности и метаболитички потреби, но согласно и со нутритивната вредност на самата храна што ја јаде. Во однос на ова прашање веќе сме пишувале на следниот линк.


Доколку тежината на детето не варира, односно не се намалува, доколку тоа нормално се развива, има добар сон, добро расположение и не се забележува поголема промена во неговата секојдневна активност, тогаш не гледам причина за загриженост. Веројатно е фаза која спонтано ќе престане како што и почнала. Но доколку забележувате промена во тежината на детето, односно доколку тоа слабее, станува бледо, нервозно, потиштено, плашливо, постојано уморно, не толку активно како претходно или има намален имунитет, тогаш неопходно е што поскоро да се консултирате со лекар. Најпрво треба да се испита дали постои некоја органска причина за намалениот апетит, на пример, анемичност, тешкотии со варење или какви било дигестивни проблеми. Доколку не постои органска причина за намалениот апетит, тогаш следно треба да се истражат психолошките причини кои можат да доведат до тоа.
Често пати децата одбиваат да јадат како реакција на стрес, вознемиреност, голем страв, тага или потиштеност.

Дали се забележува некаква емотивна промена кај детето непосредно пред или непосредно по отпочнувањето на овој период на одбивање храна? Дали има некаква промена во начинот на кој тоа емотивно комуницира со родителите и најблиските лица? Дали се забележуваат некои емотивни изблици кај него или можеби постои промена во начинот на кој си игра? Дали постои промена во динамиката на спиење и квалитетот на сонот? Дали постои некаква промена во целокупната семејна динамика? Доколку сметате дека причината за нејадењето е повеќе од психолошка природа, тогаш најдобро е за сето ова да разговарате и да се консултирате со развоен психолог кој би можел да ви помогне да ги утврдите точните причини и во согласност со тоа да ве насочи како да постапите понатаму.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X