Несомнено е дека се работи за талентиран ученик кој заедно со својот ментор вложил многу труд за постигнување на успехот на државниот натпревар на кој учествувал. Но, законската регулатива не дозволува тие да го остварат правото за кое аплицирале во МОН, велат оттаму

Социјалните мрежи денеска буквално се вжештија откако беше објавена информација дека ученикот Дамјан Давков од Штип, штипскиот Питагора, е одбиен од државата да добие парична награда за освоено прво место на државен натпревар по математика. На „Фејсбук“ и на „Твитер“ на големо се споделува документот од Министерството за образование и наука, потпишан од министерката Мила Царовска, во кој пишува дека ученикот е одбиен затоа што бил редовен ученик во основно образование, а одржаните натпревари на кои победувал биле наменети за средношколци.
Документот во кој пишува дека Дамјан и неговиот ментор Кокан Радев се одбиени за награда го објави мајката на детето, Никица.
„Еве како во Македонија се ценат талентираните ученици. Очигледно во законот нема предвидено вакво нешто. Да учествуваше за основно образование, ќе добиеше. Вака не“, напиша мајката.

На социјалните мрежи речиси сите коментари се во насока на тоа дека системот наместо да мотивира и стимулира, ги демотивира надарените ученици и не ги поддржува. Исто така, според дел од коментарите, во вакви случаи кога има деца кои отскокнуваат од околината, институциите треба да ги поддржат, а не да ги одбиваат, особено во време кога декларативно се залагаат за поттик и поддршка на надарените деца.
„Гениј во математика, државата го одбива затоа што бил основец. Ова е немање сенс за талентираните и надарени деца. Наместо државата да го школува и унапредува и да му овозможи да си го надградува талентот, таа го демотивира“, е само еден од коментарите напишани на „Фејсбук“.

Во документот стои дека Комисијата за доделување парична награда за освоено прво место на државен натпревар извршила увид во доставената документација.
„Утврдено е дека ученикот и наставникот не ги исполнуваат условите за доделување парична награда за освоено прво место на државен натпревар бидејќи ученикот е редовен ученик во основното образование, а наставникот Кокан Радев е наставник во основно образование, а натпреварите се за ученици и наставници во средно образование.“

Согласно законите за основно и за средно образование, како и согласно правилниците за организирање општински, регионални и државни ученички натпревари од страна на здруженија на наставници акредитирани од МОН, на ученичките натпревари за основно образование можат да учествуваат само ученици од основни училишта, а на натпреварите во средно образование да учествуваат само средношколци, соопштуваат од МОН за случајот.Во конкретниот случај се работи за ученик од Основното училиште „Ванчо Прке“ од Штип, кој учествувал на натпревар за ученици од средни училишта, што не е во согласност со правните прописи кои ја регулираат оваа тематика. Така што, при разгледување на доставената документација во МОН и увидување на фактите, Комисијата за доделување парична награда за освоено прво место на државен натпревар постапила согласно одредбите од законите и правилниците и ученикот и неговиот ментор се одбиени за стекнување на паричната награда – велат оттаму.
Надлежните уверуваат дека преземаат обврска за повторно да се преиспита целиот случај околу постапката за доделување парична награда за ученикот и наставникот ментор, но и постапката и начинот на кој е организиран самиот натпревар од страна на здружението на наставници, кое ја има акредитацијата за организирање на натпреварите по математика.

-Несомнено е дека се работи за талентиран ученик кој заедно со својот ментор вложил многу труд за постигнување на успехот на државниот натпревар на кој учествувал. Но, законската регулатива не дозволува тие да го остварат правото за кое аплицирале во МОН. Сепак, во соработка со локалната самоуправа на Штип, ученикот ќе биде поддржан со еднократна парична награда од 15 илјади денари и признание за почесен граѓанин на Општината – информираат во МОН.

-Имајќи го предвид фактот дека во секоја генерација ученици има исклучителни таленти по одредени предмети и области, институцијата ќе продолжи да развива нови политики за поддршка на талентираните ученици, преку обезбедување нови и дополнителни можности за развој на нивниот потенцијал, додаваат оттаму.

-Тоа ќе го правиме покрај можностите кои и сега се достапни за стекнување на правото за користење одредена категорија на стипендија и други парични надоместоци, можности за побрзо напредување и преминување од едно во друго одделение, поддршка преку покривање на трошоците за учество на меѓународни натпревари и олимпијади, можности за едукација во новоотворената Математичко-информатичка гимназија во Скопје, доделување средства преку Фондот за иновации и програми креирани во соработка со меѓународни партнери и организации, како што е UPSHIFT програмата, создадена во соработка со УНИЦЕФ – додаваат од Министерството.

За Дамјан Деца.мк пишуваше уште во мај 2019 година.

Штипскиот Питагора, државен првак по математика, се натпреварува со повозрасни ученици

Фото: Архива



912

X