Воспитување

Нема да ја воспитам ќерка ми да биде фина и послушна

Кога ќерка ми беше во градинка, имаше можеби четири години, нејзината наставничка еднаш ми кажа дека е малку дрска.

-Таа знае малку да претера, само ти велам да имаш на ум и да внимаваш.

Јас учтиво одговорив:

-Да, ќе обрнам внимание.

Знаев што ми рече. Тоа значи да не молчиш кога некој е нефер, да кажеш што мислиш и да се залагаш за себе. А таквите деца, разбирам, многу потешко се држат во група. Но, јас решив одамна. Нема да воспитувам дете според стандардите на општеството. Нема да го воспитам тоа „фино и послушно“ дете.

Затоа што јас сум таа која секогаш била фина и послушна. Секогаш со сите петки, без поплаки. Јас сум таа која секогаш гледала да им угодува на луѓето. Но, мојата ќерка не е и нема да биде таква.
Додека јас го одмерувам секој збор, таа е без влакна на јазикот.

Додека јас се трудам да бидам дипломатски настроена во секое време, таа е едноставно искрена.

Поминав години учејќи како да се залагам за себе, како да не молчам кога другите се однесуваат кон мене неправедно. Како да не се извинам за нешто што сум како личност. Како да не се навраќам на секоја дискусија да анализирам дали сум кажала нешто погрешно, дали можеби сум налутила некого.

Поминав многу време обидувајќи се да ги отфрлам воспоставените обрасци што ги носам уште од мала и однесувањето што го усвоив како условен рефлекс – да се насмевнувам, да бидам симпатична, да се согласувам со пријателите, наставниците, колегите, шефовите. Да научам дека не морам да бидам во чекор со културата која ги учи жените оти нивната вредност зависи од тоа како другите ги гледаат.

НЕ го сакам тоа за ќерка ми.

Мојата ќерка не се плаши да го каже своето мислење. Таа е гласна. Таа не ги цензурира своите мисли. И колку и да се обидува општеството да ме убеди дека треба да го променам тоа, нема да го направам тоа.

Дали ќе мора да ги почитува луѓето околу него? Да! Дали секогаш ќе ја учам да биде љубезна со другите? Апсолутно. Дали ќе мора да биде фина и да се насмевнува дури и кога не ѝ се допаѓа? Всушност – НЕ.

Затоа што идејата за „убаво и добро дете“ оди многу подалеку од „Те молам, ти благодарам и повели“.

За девојките и жените, да се биде добар, значи секогаш да ги правите луѓето да се чувствуваат удобно покрај вас. Тоа го постигнуваме со насмевка дури и кога сме лути или едноставно не ни се смее. Со тоа што ќе бидеме пријателски настроени дури и кога сме вознемирени, со ставање на туѓите потреби и утеха пред нашите, со зборување мирно и тивко дури и кога врескаме внатре, со тоа што сме невидливи дури и кога нашите желби и идеи се големи. И на уште стотина начини кои нашето општество ги измислило за да ни се наметне.

Па, не. Не воспитувам добро и фино дете. Воспитувам човек.

Поетеса. Научник. Можеби дизајнер. Двигател на промени. И бидејќи ја познавам, таа е вистински праведник во душата. Гласна, силна девојка која никогаш не се плаши да те погледне в очи.

И нема да ја присилувам да се трансформира во друга личност, само за да ги задоволи другите. Нема да ја учам дека туѓите потреби се поважни од нејзините.

Кога ќе ми одговори, нема да ѝ кажам дека е дрска и безобразна. Ќе ја научам да не посегнува по високиот тон, туку по аргументите.

И кога некој друг ќе ми каже дека е малку тврдоглава, јас ќе речам:

-Благодарам, се трудиме.

Така, на моето гласно, силно девојче – знам дека светот очекува од тебе да бидеш нешто друго. Ќе пораснеш наидувајќи на секој чекор на обиди на другите да те стават во некаков калап на добра и послушна девојка. Со обиди да ви кажуваат како треба да седите, да зборувате, да се облекувате, да јадете, да дишете.

И тоа е некако страшно. Да постоиш во свет кој ти кажува дека таков каков што си – не си доволно добар. Иако не си повредил никого.

Но, знаете што е застрашувачко за ова општество и светот? Ти! Ти, драга моја, и милиони девојки како тебе кои ќе можат да се залагаат за себе – и ќе го промените светот.

И едвај чекам да го видам тоа.

Автор: Дијана Спалдинг/педијатриска сестра

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top