Воспитување

Неколку митови, предрасуди и стравови за второто дете

Кои предрасуди и стравови ги имаме и во кои митови веруваме кога размислуваме за второ дете?
Ако не сте сигурни дали сте подготвени, сетете за на фактот дека не постои идеално време за второ дете или идеална разлика меѓу децата.

Еве неколку знаци дека сте подготвени за друго дете:
– Почнавте да спиете цела ноќ.
– Интензивно почнавте да размислувате за нов член и друштво на првото дете.
– Сфативте дека имате повеќе време.
– Заборавивте на утринските мачнини и на болките при породувањето.
– Вашето дете ви кажува дека сака да добие братче или сестриче.
– Вашиот сопруг исто така сака второ дете.
Кога ќе сфатите дека сте подготвени, потребно е да расчистите неколку стравови, предрасуди и митови:

СТРАВ – Нема да можам да ги сакам еднакво двете деца

Додека го очекуваат второто дете, многу мајки се прашуваат дали ќе го сакаат исто колку првото. На некои самата помисла им предизвикува грижа на совеста. Точно е дека љубовта нема да се случи веднаш, но верувајте дека ќе стане сè посилна и дека ќе го сакате неверојатно многу, како што само мајка умее да сака. Ќе бидете изненадени од тоа колкав капацитет за љубов имате.

МИТ – Обврските ќе се удвојат

Всушност, вашите обврски ќе се зголемат четирипати. Ќе имате помалку време за спиење и најверојатно ќе бидете исцрпени, можеби ќе чувствувате дека го запоставувате едното дете. Но, со текот на времето работите ќе си дојдат на своето место. Постарите деца ќе станат независни, помалите ќе почнат почесто да си играат сами.

ПРЕДРАСУДА – Сите деца се исти

Она што го применивте на првото дете не значи дека важи и за второто. Вие сте поискусни и поопуштени, но не очекувајте вашите деца да се однесуваат исто. Можеби првото дете спиеше подобро, а другото се буди на секои три часа. Набљудувајте го и приспособете се.

 

МИТ – Еднакво ќе се ангажирам

Ќе бидете еднакво посветени како и на првото дете. Вистина е дека второто дете ќе има помалку фотографии, помалку албуми. Причината е едноставна: имате повеќе работа, а помалку време.

ПРЕДРАСУДА Вишокот килограми добиени од втората бременост полесно ќе ги намалам

Можеби, ако имате личен тренер, нутриционист, баба-сервис на услуга додека вежбате. Најверојатно некогаш нема ни да стигнете да јадете, па повеќе ќе консумирате брза храна за да имате енергија. Имате помалку време за себе, па затоа намалувањето на килограмите може да трае подолго.

МИТ – Моето дете конечно ќе има со кого да си игра

Најпрво ќе ви изгледаат како непријатели што се борат за вашето внимание наместо како другарчиња што си играат. Подгответе се за карање, тепање, барање помош, на пр.: „Мамо, ми ги допира моите работи!“, „Остави го тоа, мое е!“, „Нека излезе од мојата соба!“ Обидете се да не го обвинувате и казнувате само едното дете.
Уживајте во моментите на игра, смеа, бакнежите, прегратките, кои толку ќе ве разнежат што никогаш нема да размислувате како е да се биде само со едно дете.
И запомнете: покрај сите аргументи, кавги и тепачки, врските помеѓу браќата/сестрите се многу длабоки. Тоа е нешто што само сестрите и браќата можат да го разберат.

Поврзани написи

To top