Зголемената телесна температура е симптом кој се јавува доста често кај децата, особено кај помалите, додека не го зајакнат имунитетот, па од околината ги добиваат сите можни вируси и бактерии. Високата температура е знак дека телото се бори со инфекција, но често ги става родителите во дилема – дали да го покријат и да го стоплат детето или да го разладат?

Ако ги прашате нашите родители или баби, најверојатно ќе ви кажат дека треба да го покриете детето, да се стопли и добро да се испоти, за на крајот да му спадне температурата. Сепак, според советите на експертите, тоа не е препорачливо бидејќи може да го забави спуштањето на температурата или уште повеќе да ја зголеми, па треба да го изладите детето – дури и ако ви се чини дека му е ладно.

Генерално, децата добро поднесуваат висока температура, но еве што можете да направите за да му олесните на вашето малечко и температурата побрзо да падне на нормални граници:

-Облечете го детето во некоја лесна облека за да не се прегрее.
-Ако детето се тресе од треска, покријте го само со тенко ќебе.
-Погрижете се температурата во просторијата да биде пријатна, без разлика дали тоа значи да го разладите или малку да го загреете просторот.
-Дајте му на детето многу течности, по можност вода: ако е бебе, понудете му почесто доење или хранење со шише.
-Периодично бришете му ја главата на вашето бебе со крпа натопена со млака вода.

Така, дури и ако повеќе би сакале да го покриете детето со друго ќебе за да го стоплите додека има температура, подобро не правете го тоа – подобро е да ги разладите малите кога имаат температура, но секако, не наеднаш, не со ладна вода и слично, но да му биде удобно на детето, за постепено да паѓа температурата.

Секако, може да помогне и да му дадете на детето некои од лековите за намалување на температура, а доколку се работи за бебе помало од три месеци, задолжително одете на лекар и немојте да давате никаков лек самостојно.

Автор: Наташа Златковиќ

Извор



912

X