Здравје

Некои бебиња плачат половина час дневно, а некои повеќе од 5 часа – зошто?

Бебињата плачат околу два часа дневно во првите две недели од животот.

По шест недели плачењето достигнува максимум и трае околу два часа и 15 минути дневно, а до 12. недела се намалува на просечно еден час и 10 минути дневно. Сепак, откриено е дека некои бебиња плачат само 30 минути дневно, додека други плачат повеќе од пет часа во еден ден. Најмногу плачат децата родени во Обединетото Кралство, Италија, Канада и Холандија, а најмалку оние родени во Данска, Германија и Јапонија, покажало истражување на Универзитетот во Ворвик.

Професорот Дитер Волк од катедрата за психологија на споменатиот универзитет формулирал универзални табели кои ја покажуваат нормалната количина на плачење кај бебињата во првите три месеци од животот. Во метаанализа на студии во кои учествувале речиси 8.700 доенчиња од Германија, Данска, Јапонија, Канада, Италија, Холандија и од Обединетото Кралство, професорот Волк пресметал колку долго плачат бебињата во текот на 24 часа во различни култури во првите 12 недели.

Највисоко ниво на грчеви, што е водечка причина за плачење кај новороденчињата, е забележано кај бебињата во Велика Британија, Канада и Италија, а најниско во Данска и Германија.

– Бебињата многу се разликуваат по тоа колку плачат во првите недели од животот. Има голема варијација. Можеби ќе научиме повеќе ако внимателно ги погледнеме културите каде што бебињата помалку плачат. Не знаеме дали тоа е последица на родителството или други фактори поврзани со искуството во бременоста или генетиката – рекол професорот Волк откако резултатите од неговото истражување биле објавени во „The Journal of Pediatrics“.

Извор

Поврзани написи

To top