Воспитување

Некогаш и најсилните мајки плачат пред своите деца

Вчера син ми ми се јави од училиште. Немаше „здраво, мамо! Каков ти беше денот?“ Веднаш премина на прашање дали може да му го земам колор-филмот од лабораторијата. Да, фотографира. Претпочита класично отколку дигитално. Не само тоа, туку и одбива да ги едитира фотографиите на кој било начин. Без сатурација. Без сечење. Без ништо. Всушност, одвреме-навреме кога ќе му покажам нешто што сум фотографирала и сум објавила на „Инстаграм“, го слушам како вдишува сосема тивко, но остро – со целосно неодобрување што користам филтри.

Ги мрази тие работи. Мисли дека е мамење. Мисли дека секој треба да му го покаже на светот она што е вистинско, слободно и јасно. Без филтрирани искуства. Следното нешто што ми го кажа по телефон е дека имал есеј, па морал да пишува за лична борба која резултирала со негова промена на подобро. А тој, на таа тема, напишал нешто за мене. Мојата прва помисла беше „Ох, не“. Бргу додаде: „Не грижи се, мамо, не е ништо лошо. Пишував само за тоа колку беше тажна кога ти и тато се разведовте.“ Повторно ја имав истата помисла, бидејќи јас се трудев максимално да го скријам тој дел од себеси од моите деца.

Или одев во продавница или во парк, или се криев во градината за да се исплачам. Ако забележеа дека сум тажна, велев: „Некогаш возрасните се тажни. Не грижете се, нормално е. Дел е од животот, баланс кој мора да го имате за да ја цените сета среќа во животот. Како да јадете исти слатки секој ден – по некое време ќе ви здодеат.“ Инаку, не е тајна во мојот дом дека мразам постојано да одам во маркет. Во тој период од 3 месеци откако се разделив од сопругот, се враќав расплакана од продавница, а тоа ме јадеше однатре. Кога поминував низ тој период и мислев дека тоа се покажува и на децата, кренав паника. Зборував со пријателка – која исто така поминала низ процес на развод, дека се грижам оти ќе го им пренесам на децата она што мајка ми ми го пренесе мене – чувство на „светот е против мене“.

Мојата пријателка ми велеше дека никогаш на децата не им ја покажала тагата, па дури и се движела наоколу со насмевка и крената глава, што дополнително ги вознемирувало децата. Бидејќи колку и да се трудела да ги скрие тагата и несигурноста, само изгледала почудно. Со други зборови, децата интуитивно препознавале дека тие емоции не ѝ се реални, а тоа предизвикало тие да се чувствуваат небезбедни. Тоа беше најдоброто нешто што ми беше кажано за време на процесот низ кој поминував.

Мојот син напишал дека неговата најтешка борба била да ја слуша мајка си како плаче во нејзината соба во текот на ноќта кога тој требало да спие. И како тоа го исплашило бидејќи мислел дека неговата мајка е најсилната личност на светот. Како дошол во мојата соба и легнал во креветот и ме бакнал в образ. И како тој момент го променил бидејќи сфатил дека луѓето што изгледаат најсилни и прават најмногу за сите, не се секогаш најсилни, не се секогаш ценети, а понекогаш потребна им е само прегратка.

Бидејќи прегратката ѝ кажува на личноста: – Јас сум тука и те гледам.

Откако ми го кажа ова, можам само да мислам на сите работи што ги напишав низ годините за мојата сопствена мајка. Тајните што ги споделив за нејзиното ментално и физичко здравје. Обидите да се справам со сопствените чувства во однос на нејзината неспособност и неуспех да се воздигне од сопствената тага.

Искрено, кога ќе се навратам наназад, не можам да кажам дека во кои било од тие моменти од детството помислив да ја прегрнам. Беше премногу ризично. Бев повеќе загрижена за стабилизирање на себеси и обвиткување со заштитни слоеви против нејзината турбулентна природа.

Ова утро, кога се разбудив, сфатив колку сум среќна што имам син кој не сака филтри кои ги покриваат луѓето. И како сето ова ѝ помогнало на мајка му да извади еден од нејзините заштитни слоеви, кои будалесто мислела дека ќе ја заштитат од светот околу неа.

Автор: Фелиша Мајклс

Извор

Поврзани написи

To top