Одењето в кревет обично е најтешко. Секоја ноќ беше исполнета со приказни и смеа, галење и бакнежи. Проследено со сите можни изговори за да се остане уште малку подоцна. Жеден сум, мамо. Ми треба уште една прегратка, мамо. Може ли да спијам со тебе, мамо.
Бев мајка. Секоја ноќ бев мајка на прекрасно момче кое го донесов на овој свет. Сè додека не станав „викенд и празник“ мајка. Додека не го изгубив старателството над мојот 7-годишен син. Не сфатив колку значат доцните разговори во ноќта или утринските прегратки сè додека не се случуваа само секој втор викенд. Сега, како што лежам во мојот студен празен кревет, ми недостигаат ноќите и деновите кога бев мајка. Кога некој зависеше од мене секојдневно за сè. Кога сè имаше смисла. Ми недостигаат мрсулите и изливите на бес. Ми недостигаат танцувањето и насмевките. Ми недостига сè – доброто, лошото, грдото.
Бев мајка. Тоа ме дефинираше, ме инспирираше. Да се биде мајка, беше најдобриот дел од мене, сега не знам која сум повеќе. Која сум јас без мојот син? Некогаш се будам во текот на ноќта плачејќи поради тежината што ја чувствувам бидејќи тој ми недостига. Ми недостига да ме клоца додека спие. Ме боли што знам дека кога ќе дојде утрото, неговото насмеано лице нема да биде тука за да ми го започне денот. Се „кршам“ додека сум под тушот, обидувајќи се да поземам здив кога ќе сфатам дека ќе поминат 13 дена додека повторно да го видам. Дека едвај и ќе зборувам со него. Дека нема да знам како му поминал денот или дали ќе можам да го разведрам ако некој бил лош кон него на училиште.

Се обидував толку многу да прифатам и да си кажувам себеси дека сè уште сум мајка. Јас сум добра мајка и покрај мојот статус на „втор викенд мајка“. Ако ова е тоа што е најдобро за него, треба да го прифатам, нели? Треба да бидам среќна. Но, не станува полесно. Никогаш не боли помалку. Неговото отсуство се забележува и чувствува и ми недостига толку многу, постојано.
Како што се подготвувам да пречекам ново малечко момче на овој свет, моето срце постојано плаче за првороденото. За синот кој прв ме нарече мамо и ми покажа што е безусловна љубов. Кој му даде смисла на мојот живот и во најтемните денови. Кој е мојот најдобар пријател, мојата карпа, моето сè. Никогаш нема да престанам да се борам за него. Нема да престанам да се обидувам да бидам најдобрата верзија од себеси за него. Нема да престанам да го сакам или да ми недостига.
Сакам да бидам она што е најдобро за него. Бидејќи тоа е она што и двајцата го заслужуваме.
Автор: Емили Лингенфелсер