Драги испеглани, чија облека зрачи со свежина од чист пролетен планински поток,
ве известувам дека поради вашите забелешки и озборувања, го зедов предвид прашањето за редовно пеглање на алиштата на сите членови на моето семејство.
Кога од моите расположливи 24 часа на ден го одзедов:
-времето потребно за спиење: што е 7-8 часа бидејќи со помалку сон станувам многу злобна и опасна личност;
-времето поминато на работа со кое се плаќа нашиот стан, храна, струја, образованието на децата, лековите и облеката за чие пеглање зборуваме;
-времето за одржување на себеси и семејството во живот: готвење храна, одржување основна хигиена и грижа за здравјето и физичката подготвеност;
-времето да си играте со вашите деца, да ги едуцирате, да им читате приказни пред спиење, да споделувате бакнежи и да се скокоткате;
-времето за негување на односите кои ме исполнуваат и од кои зависи моето ментално здравје (сопругот, семејството, пријателите…);
-времето да читам, да учам, да се преиспитувам и да се менувам, за секој ден да станувам малку подобра, посигурна и позадоволна личност, мајка, сопруга, професионалец, пријателка и уште помалку да се грижам за тоа што мислат некои луѓе, на пример, околу неиспегланата облека на моите деца;
-времето за опуштање и одмор на мозокот, преку гледање филм, музика, прошетка;
…Месечно ми остануваат точно 16 минути и 23 секунди за пеглање, што значи дека ако не е нечија матурска вечер, јавен настап, прв состанок, венчавка, крштевка или не дај боже погреб – обично не ја земам пеглата в раце.

Доколку имате забелешки на оваа одлука, ве известувам дека шалтерот за жалби во моментов е затворен, но дефинитивно можете да го доставите вашиот приговор во писмена форма во нашата кутија за жалби – се наоѓа зад вратата во кујната и изгледа како кафеава корпа со капак што се крева кога ќе стапнете на педалот. Одговорот сигурно ќе дојде!
П.С. Сакам да додадам и дека воопшто не го оспорувам, ниту го осудувам изборот на оние што го имаат пеглањето на листата со приоритети и кои наоѓаат време за тоа. Убаво е да се пегла, нема да негирам. Едноставно не вреди доволно за да жртвувам некои други работи. Ако е вредно за вас – повелете!
Важно е сите да сме задоволни – затоа што задоволните луѓе немаат ниту време ниту причина да гледаат дали некој друг е испеглан или не.
Автор: Јована Папан