Во книгата „Татковство“ на Маркус Беркман авторот на брутално искрен начин ги опишува сите фази низ кои поминувал од бременоста на сопругата до раѓањето и грижата за детето. Од перспективата на таткото. Воедно ја симнува и маската од филмските породувања, кои се многу далеку од реалноста.
(Трудници, можеби е подобро да ја прескокнете оваа тема)
Знаеме дека добар дел од мажите имаат прилично чудно доживување на породувањето и грижата за бебето, па редно е некогаш да се опише и нивната перспектива или барем да се тргне илузијата од породувањата што се опишани во филмовите бидејќи ретко кое изгледа така… Но, Беркман тоа го опишал доволно уверливо, па еве неколку цитати од книгата која се препорачува ако го сакате оној помалку романтичен стил на сфаќање на родителството. Без разлика на стилот на пишување, книгата изобилува со многу корисни совети за парови и може да помогне, што е најважно. Притоа ќе се насмеете на сè, па и на сопствената судбина.
„Сите ни зборуваат дека сето ова е прекрасно. Дека е магично искуство. Дека нема да го заборавите додека сте живи. Една погодена работа од три и не е лош резултат. Суровата вистина е дека породувањето е најлошата комбинација: стресно е и досадно. Раѓањето дете се часови и часови на постојана напнатост која предизвикува крцкање со забите. Исто така, толку е заморно што ќе посакате да плачете. Сепак, добриот дел доаѓа на крајот. Делумно затоа што конечно ќе имате прекрасно мало бебе кое би можело да личи барем малку на вас. Но, најмногу затоа што целиот процес е завршен.
Ова е големата, досега неизречена вистина за раѓањето дете. Никој не смее да ја изусти. Другите татковци не кажуваат ништо. Нема ниту вие. Тоа е против правилата. А една од причините зошто никој не ја споменува е тоа што мајките не би смееле да ја знаат. Тие ќе ја сфатат, веднаш по породувањето или можеби по неколку месеци. Но, подоцна ќе заборават. Биологијата ги тера да ја избришат од глава бидејќи кога би можеле да се сетат, никогаш повеќе не би сакале тоа да се повтори. Немојте да ги обвинувате бидејќи тоа не е нивна вина. Тоа е ваша вина, како што постојано ви повторувам.
Во еден момент таа ќе ги изговори овие зборови. Во нејзините очи ќе се појави страв. И покрај сите курсеви, не постои вистинска подготовка за она што навистина претставуваат породилните болки. Таа знае, баш како и вие, дека сега нема повлекување. Сè што можете да направите е да ја охрабрите, да ѝ искажете љубов, да ѝ кажете дека е прекрасна, храбра и силна и дека може да го стори тоа. Во идеален свет татковците би го вежбале овој говор во текот на подготвителните курсеви. Сепак, го сфаќале тоа или не, долгогодишното гледање филмови со Клинт Иствуд ве подготвило за овој момент. Стиснете ги очите. Закочете ја долната вилица. Џвакајте чкорче ако имате при рака. Кажете што ви треба и не покажувајте ниту трошка слабост. Нејзе ѝ треба повеќе сила.
Ајде, слабаку, разубави ми го денот…“
Не е како на телевизија
„…Во околу третина од телевизиските породувања породилните болки започнале неочекувано, на чудно место или ги немало луѓето што требало да бидат тука, а целиот процес се завршува многу брзо. Во речиси сите породувања нема средства против болка: епидуралната анестезија и другите средства се појавуваат само во 5 отсто од случаите… треба ли да додадам дека на телевизија не сум видел никогаш, ниту една жена да раѓа во друга поза освен на грб, а мајките главно многу врескаат. На телевизија бебињата, штотуку родени, секогаш се всушност стари три месеци“.
Автор: Маркус Беркман