Што се крие во луѓето што негативно гледаат на светот околу себе и се склони кон постојано критизирање и како со ставовите им влијаат на своите деца?
Општо може да се каже дека негативноста кај луѓето повеќе е поврзана со нивните ставови отколку со објективната ситуација во светот и всушност таквото однесување покажува дека нешто им недостига. Најчесто се чувствуваат недоволно сакани и непочитувани или немаат контрола над сопствениот живот. Затоа, контролата ја бараат во надворешните работи кои ги сметаат за негативни, односно го гледаат само она што е негативно и ги минимизираат своите можности да придонесат за промени. Тие личности можат да се окарактеризираат како хронично несреќни. Тие мислат дека другите се виновни за нивната „неволја“. Дисфункционални родители, негативни односи, социо-економски тешкотии или други животни проблеми се чести причини за нивното незадоволство и неуспех. Вистина е дека животот не е забава и дека приредува многу тешкотии, кризи и патење, но тоа не треба да биде оправдување да се гледаат себеси во контекст на жртва и сѐ околу себе да доживуваат негативно.
Не споредувајте се со други
За негативноста често е заслужен „внатрешниот говор“, кој постои кај сите луѓе, а кој почесто е негативен отколку позитивен. Особено негативен е внатрешниот говор кај децата и често е проткаен со сомнежи, стравови и срам. За да појаснам, ќе дадам еден пример: на децата им е важно да бидат дел од група во која ќе се чувствуваат пријатно. Затоа често се споредуваат со други деца и може да се прашуваат: „Можам ли да бидам како она дете што сите го сакаат?“ Нивниот внатрешен говор често ќе гласи: „Не можам да бидат како него. Не сум доволно паметен, ниту убав за да можам да бидам како него. Никој не ме забележува“. Таквите негативни мисли секојдневно се повторуваат кај децата. Споредувањето со другите нема смисла, иако верувам дека сите често паѓаме во искушение да се споредуваме со луѓето што имаат подобри материјални услови, повисок стандард, подобри постигнувања. Многу студии покажуваат дека кога сакаме да го имаме тоа што го имаат другите, нѐ фаќа љубомора, па тоа може да биде извор на стрес, тегоба и депресија.
Важно е да се напомене дека постојаната изложеност на таква негативност може да придонесе за нарушување на позитивното доживување на светот, оптимизмот и добрата слика за себе, а да се зголемат негативноста, загриженоста, недовербата, непристојноста и рамнодушноста кон околината и кон обврските. Негативноста може да биде особено разорна и погубна за децата што имаат такви родители зашто тие им претставуваат модел од кој учат и од кој очекуваат да ги храбри, да ги насочува, да ги истакнува нивните добри страни и квалитети.
Постојани забрани
Покрај внатрешниот говор, децата можат да добиваат и многу негативни пораки од околината. Би сакала родителите што го читаат ова малку да застанат и да се присетат колку пати дневно му велат „не“ на своето дете. Ако на тој број се додаде и тоа колку пати дневно на децата им се кажува „не“ во училиште и од страна на врсниците, може да си замислиме како ќе им влијаат тие пораки.
Невронаучниците предупредуваат дека при изложеноста на негативни пораки се произведуваат хемикалии во мозокот што предизвикуваат стрес, а кога ќе се комбинира со природниот негативен внатрешен говор на детето, тој спој на негативности може да доведе до лошо ментално здравје на детето. Затоа е многу важно родителите, наставниците, тренерите и другите што работат со деца да им помагаат да ја менуваат рамнотежата кон позитивното. Ако го смениме начинот на кој комуницираме со децата, можеме да придонесеме тие да научат да развиваат внатрешен позитивен говор и така да станат посреќни, поздрави и поуспешни.
За да им помогнат, родителите може да ги потсетуваат децата дека во секој ден постои нешто во што уживале. Кога ќе се одвои време за децата и ќе се прават работи во кои тие уживаат, се продлабочува односот и се јавува чувство на задоволство од себеси. Затоа е важно родителите да ги поттикнат децата да го осмислат денот што ќе го поминат со родителите, во кој ќе уживаат сите. На крајот од денот, родителот треба да го поттикне детето да ужива во позитивните искуства размислувајќи за моментите во кои најмногу уживале.
Развој на позитивната слика за себеси
Родителите исто така имаат важна улога во развојот на идентитетот на децата така што ќе им помогнат да развијат позитивна слика за себе. Тоа ќе го постигнат ако покажат интерес за детето и ако го насочат кон позитивни вредности, како:
– Да ги почитува другите;
– Да ги слуша другите кога зборуваат;
– Да ги прифаќа другите иако имаат различни ставови;
– Да им каже „не“ на работите поради кои се чувствува непријатно и кои влијаат врз неговото здравје.
Ова е особено важно кога децата не се чувствуваат добро во својата кожа, па задачата на родителите е да ги истакнуваат позитивните аспекти од карактерот и однесувањето на детето, да ги прашуваат децата во што се чувствуваат добро, што им се допаѓа кај нив лично и кај другите, да ги научат да ги прифатат непријатните чувства ако некој со нив се однесува непримерно и да им помогнат на децата да ги вербализираат и да ги именуваат чувствата. Со тоа родителите ќе помогнат детето да стане свесно за себе и да се прифати како единствено и вредно. Исто така, важно е кај децата да се развива благодарноста, т.е. да се научат да ги препознаваат и да ги ценат добрите работи во животот зашто со тоа се развива задоволство и оптимизам.
Внимавајте како разговарате
Бидејќи родителите имаат голема улога во тоа како децата ги доживуваат и како реагираат на негативните содржини, мора да бидат свесни за својата комуникација. Ако сакаат позитивни резултати во комуникацијата со децата, тогаш нивниот говор мора да биде побавен зашто така кај децата ќе предизвикаат чувство на смиреност, особено кај оние што се лути и анксиозни. Побавниот начин на зборување општо ја продлабочува врската меѓу луѓето и овозможува подобро да се разберат меѓу себе.
Важно е родителите да кажуваат „да“ колку што е можно почесто. Иако во многу ситуации е поедноставно да се каже „не“, треба да се потрудат и тој разговор да го насочат во позитивен правец. Што значи тоа? На пр., ако детето бара од родителот да оди надвор за да си игра со другарчињата, а не завршил некаква обврска дома, верувам дека родителот многу лесно ќе падне во искушение да му каже „не“. Меѓутоа, наместо тој брз и негативен одговор, треба да се разговара со детето на таа тема и да го прашате: „Да си ти родител, што би те убедило да му дозволиш на своето дете да оди надвор? Што е денес различно што бараш исклучок на правилото што го имаме? Дали треба да ги смениме нашите семејни правила и на кој начин?“
Со овие и слични прашања родителите можат да му помогнат на детето да го сфати родителскиот процес на донесување одлуки, а и се поттикнува детето да се вклучи во смислени разговори и да размисли за тоа што го бара. Секако, понекогаш во таквите разговори ќе бидат вклучени фрустрации и други непријатни чувства, било од страна на детето било од родителот.
Треба да знаете дека викањето и карањето поттикнуваат биохемиски процес во мозокот кој на детето му дава порака да реагира со „борба, смрзнување или бегање“. Ни еден од овие начини на реагирање не е добар за детето зашто со нив ништо не се решава, ниту детето разбира зошто дошло до забраната и до таквата реакција кај родителот. Од друга страна, децата учат дека е во ред да се биде агресивен, а тоа особено може да биде изразено во адолесценцијата.
Ако родителот е фрустриран, нека земе воздух, нека се тргне неколку минути за да се смири, зашто добриот контакт со очите и топлиот и мил глас на детето му праќаат позитивни сигнали во мозокот и се постигнува првичниот ефект кој родителот го посакувал.
Иако не е лесно да се смени негативниот внатрешен говор, потребно е време да се видат резултатите, ќе се појават, а промените можат да бидат релативно трајни. Важно е да се разбере и да се прифати дека никој од нас не е совршен, независно од вештините што ги поседува. Ако секогаш мислиме негативно, ако се омаловажуваме или ако претерано се занимаваме со недостатоците или пропустите, ако поставуваме тешко остварливи или недостижни цели, а притоа не ги гледаме своите успеси и добри работи, ќе се доведеме во ситуација навистина да поверуваме во тоа што го мислиме.
Од друга страна, ако научиме да веруваме во себе и ако си честитаме секогаш кога нешто ќе направиме добро, ќе зрачиме со позитивна енергија и ќе ја зголемиме веројатноста навистина да се реализира тоа што нашиот внатрешен говор ни го порачува.
Автор: Ивана Доловчак