„Ах, таа е таква од малечка! Што ќе замисли, мора да го оствари!“ Откако родителите ќе проверат на кого физички личи новороденото бебе, обично следната најважна тема е прашањето на кого е во „карактерот“. И навистина, не се сите бебиња исти. Некои плачат повеќе – некои помалку, некои лесно се плашат, а некои само во одредени ситуации. Некои лесно се приспособуваат на промените во рутината, а некои многу се вознемируваат. Некои се „тешки“, а некои се „прекрасни за чување“. Дали и каква врска има тоа со прашањето какви ќе бидат како возрасни луѓе?
Уште во раното детство децата се разликуваат во емоционалните реакции и во однесувањето воопшто, поточно, покажуваат одреден темперамент. Темпераментот се базира на биолошките разлики во моториката, емоционалната реактивност, саморегулацијата, вниманието, кои се изразуваат преку различни ситуации како одговор на одредени поттикнувања. Детскиот темперамент содржи две основни карактеристики: 1) се изразува низ однесување/може да се набљудува и 2) релативно е стабилен. Цртите што се присутни во детството, а не биле стабилни и не се покажуваат подоцна во животот, се смета дека не се дел од темпераментот.
Различни истражувачи се обиделе да ги класифицираат типовите на детски темперамент. На пример, психологот Елизабет Планлап од Универзитетот на Висконсин Медисон, на примерок од 990 деца на возраст помеѓу 6 и 12 месеци, а врз основа на извештајот на нивните родители, издвоила 4 профили: типичен, ниско-негативен, повлечен/инхибиран и позитивен/активен (ниско-реактивен). Посебно се покажала стабилноста на профилот повлечен/инхибиран, што значи дека децата што се повлечени и плашливи како бебиња најчесто се склони кон истото однесување и подоцна во животот.
Истражувањата генерално посочуваат дека постои значајна поврзаност помеѓу нашето однесување во првите неколку месеци од животот и во возрасниот период. Првата ваква студија е започната во 1950 година во Њујорк од страна на брачниот пар Стела Чес и Александер Томас. Тие набљудувале 133 деца од раѓањето до триесеттата година и континуирано ги интервјуирале нивните родители. Сите деца ги опишале низ три категории во однос на нивото на активност, расположението и расеаноста: тешки, лесни и внимателни/срамежливи деца. Исто така, се покажало дека детето кое е тешко или лесно на три години, исто се однесува и подоцна во животот. Бебињата што се склони на изразување на негативните емоции, кои тешко се приспособуваат на промени, се високо реактивни и имаат слаба емоционална регулација, а во минатото се опишувале како да имаат „тежок“ тип на темперамент.
Денес, аспектите на темпераментот главно се делат на три категории: свесна контрола, што ги опфаќа самоконтролата и способноста за фокусирање на вниманието (на пример, на играчка), негативна афективност, што значи дека има пониско ниво на негативни емоции, како страв и фрустрација, и екстраверзија, што значи високо ниво на активност, возбудување и друштвеност.
Една лонгитудинална руска студија која го проценувала детскиот темперамент, по овие димензии на возраст од седум месеци и подоцна на осум години, покажала многу доследности, но и неочекувани недоследности. На пример, децата што имале добра свесна контрола како возрасни луѓе имале изразена совесност. Тоа значи дека ако вашето бебе добро се фокусира на играчката која го интересира, можно е без проблеми да ја одржува уредна својата соба кога ќе порасне, а и дека ќе биде професионално и академски успешна личност. Меѓутоа, се покажало дека не мора да значи оти насмеаните бебиња сигурно ќе бидат дружељубиви кога ќе пораснат.
Имајќи предвид дека основата на личноста може да се мапира уште во раното детство, очекувано е дека веќе на рана возраст може да се предвиди некој вид психопатологија. Децата што ги карактеризираат многу интензивни доживувања и изразувања на емоции во рамките на првата година од животот се поврзуваат со психијатриски нарушувања подоцна во животот. Фактор на ризик за интернализација на проблемите (посебно анксиозноста) претставува негативната емоционална реактивност, големата срамежливост и стравот. Со хиперактивно нарушување се поврзува високата активност и намалената саморегулација.
Меѓутоа, тоа што е темпераментот биолошки или генски заснован не значи дека на него не влијае и искуството, како и многу други фактори, како полот, менталното здравје на родителите и социо-економскиот статус. Постои можност и да е помалку стабилно во раната возраст, а со текот на годините да прераснува во постабилна личност. Затоа денес не се вели дека темпераментот ја предвидува подоцнежната личност, туку дека едноставно се поврзани. Ако сакате да предвидите какво ќе биде вашето дете кога ќе порасне, почекајте барем додека не наполни три години.
Автор: Сања Дутина Драговиќ