Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Јас сум мајка на две деца – девојчиња од 5 и 4 год. Девојчето што има 4 години е премногу мило, се гушка, многу лесно контактира со непознати, сака редовно да меси тесто, пластелин, да работи со песок. Затоа што и јас работам со деца, препознав дека таа има поголема потреба за „тактилна перцепција“. На 3 години почна да си го допира половиот орган, дома пред сите, во градинка јавно, насекаде.

Прочитав дека е нормално истражувањето на половите органи во таа возраст. Ѝ зборував дека тоа не смее да го прави пред сите, дека е срамота, дека може да се повреди. Искрено, не знаев како да постапам, честопати ја карав затоа што тоа многу често ѝ се случуваше на јавни места. Сега не мастурбира јавно, туку скришно, под ќебе кога ја заспивам, во детската соба кога е сама. Кога ќе ја забележам, ја прашувам дали повторно се допирала, а таа засрамено вели: „Нема повеќе“. Но продолжува… Имам помислено и да ја носам кај детски психолог затоа што навистина не знам кој е правилниот начин на разговор и однесување за овој проблем. Ве молам за одговор.

Прашува: мајка

ОДГОВОР: Мастурбацијата е нормален дел од психо-сексуалниот развој кај децата. Ја откриваат сосема случајно при спонтано истражување и осознавање на сопственото тело. Тие осознаваат дека ги ослободува од стрес и им причинува задоволство. Наведувате дека сега вашата ќерка се допира само пред спиење и верувам дека со помош на разговорите сте поставиле граници и на девојчето веќе му е јасно дека станува збор за интимен чин. Неодобрувањето, казнувањето или, пак, наметнување чувство на срам поради мастурбација, може негативно да влијае врз самодовербата на вашата ќерка во иднина. Едноставно игнорирајте ја. Следете го нејзиното однесување. Децата најчесто интензивно мастурбираат кога се чувствуваат осамени, кога им е потребно внимание, кога сакаат да се чувствуваат безбедно, видено или, пак, кога им е досадно.

Обидете се да се сетите што се случувало во последниот период во однос на динамиката на вашето живеење и евентуални промени. Некои од промените што ни се случуваат во секојдневниот живот како возрасни не ги забележуваме, но за децата може да се исклучително стресни. Пред спиење можете да ја гушнете додека да заспие, држете ја за рака. Во текот на денот препознавајте ги емоциите на девојчето, разговарајте за тоа како се чувствува, бидете сензитивни и отворени за потребите што ги има вашето дете во моментот. Играјте заедно со глина, пластелин, пуштете музика, танцувајте заедно, движете се спонтано и слободно.

Танцувањето ослободува од стрес, но позитивно влијае врз себеприфаќањето како и при градење слика за себе и за околината. Доколку забележите дека се допира, излезете од собата, дозволете ѝ приватност и интимност. Преку нашето однесување и почитување на приватноста ги учиме и децата да се почитуваат и да почитуваат.

Кај стручно лице психолог или детски психијатар можете да се обратите доколку: девојчето при допирањето се повредува, агресивно е, нема внимание и не може да следи други активности, допира други деца по интимните делови или, пак, ако повторно интензивно почне да мастурбира во јавност.

Одговара: Јана Зенговска, лиценциран психолог и гешталт-психотерапевт под супервизија во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / janagrozdanovska@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

 



912

X