Кој не направил грешка? Одновно и одново и често? Во реалноста, сите сме направиле безброј грешки и речиси сите го сфаќаме тоа.
Грешките се основниот начин за учењето
Сакате да им помогнете на децата да избегнуваат да прават грешки – а тука се мисли на оние што не се во согласност со вашите преференции за нивниот животен план. Сакате да зборувате и да му давате инструкции на детето, но во крајна линија и да ги контролирате делата на вашите деца со вашите зборови, па сè да се движи во насока на вашиот план.
Клучна поента: Зборовите не подучуваат животни лекции
Зборовите се одлични за нудење инструкции, но зборовите во споредба со искуствата не се ништо. Многумина од вас кои зборуваат и зборуваат за подобро однесување на вашите деца, сигурно согледуваат дека тоа не вродува со плод. Постојано фрустрирани родители зборуваат за своите деца кои прават глупави грешки, а истите тие родители повторно и повторно ги зборуваат истите, предвидливи и нефективни зборови и пораки. Но, и покрај тоа, продолжуваат да зборуваат. Зошто е тоа така?
Клучна поента: Продолжуваме да зборуваме за да си ги олесниме сопствените стравови
Истражувањата посочуваат дека зборувањето ни помага да се чувствуваме подобро. Тоа е тоа. Имаме стравови и анксиозност и бараме олеснување од тие чувства. Па зборувањето за грешките и последиците и нашите грижи за нив се олеснување за нас. Малку и се надеваме дека и на нашето дете ќе му помогнеме на тој начин да го промени однесувањето и да ги подобри емоциите.
Клучна поента: Искуството е закон! Мора да учиме од нашите грешки
Ако прифатиме дека сите најдобро учиме од животни искуства, како и дека грешките се важен дел од учењето, тогаш можеме да започнеме да го менуваме нашиот пристап. Можеме да гледаме на грешките како на дел од еден есенцијален процес наместо да се обидуваме да „контролираме“ што прават нашите деца. Ако сме повнимателни во однос на менаџирање на искуствата, тогаш сме еден чекор поблиску до „магијата“. Важно е да прифатиме дека животните лекции не се учат со зборови.
Клучна поента: Негативните емоции привлекуваат негативни исходи
Кога сте вознемирени, или чувствувате страв и анксиозност за делата на вашите деца, типично е да започнете да зборувате со вашето дете. Колку сте позагрижени, толку поголема е емоционалната експресија. Но, какво е чувството кога некој ви зборува со фрустрација, лутина, страв или сомнеж? Што ако се обидувате да го скриете тоа и да се преправате дека сè е во ред? Дали вие се чувствувате добро кога лицето што ви се обраќа е под стрес, вознемирено, луто или фрустрирано од вас? Одговорот е НЕ. Чувството не е добро без разлика на околностите. Истото важи и за вашите деца.

Негативните емоции се како магнет. Негативната енергија произведува повеќе негативна енергија. Стравот, анксиозноста и фрустрацијата нема да помогнат во разговорите со децата, туку детето ќе се чувствува полошо. Тоа нема да доведе до позитивни промени.
Затоа, не зборувајте кога сте вознемирени. Само молчете. Зборувајте кога вашата емоционална состојба е солидна, смирена и јасна. Запомнете: не се работи за вие да се чувствува подобро. Се работи за тоа како да му помогнете на вашето дете да научи од сопствените искуства.
Автор: д-р Ренди Кејл/психолог