Воспитување

Не зборувајте им бебешки. Трикови како поинаку да ги придобиете малите деца

Има луѓе на кои едноставно им оди со деца, а има и такви на кои им е чудно кога се во нивно друштво. Ако сте од овие вторите, сигурно знаете дека некогаш ќе треба да стапите во контакт со тие мали човечиња, на пример, ако седите до ќерката на братучетка ви на фамилијарниот собир или ако се обидувате да освоите некој поен кај девојката.

Децата можат да бидат одлични соговорници ако почувствуваат дека сте заинтересирани за нив. Навистина. Тие се како нас, возрасните.
Еве неколку трикови од родители како да зборувате со малите деца. И да, ниеден не вклучува прашања од типот: Како е на училиште?

 Обраќајте им се по име, не со „Мали“ или „Принцезо“
Ова е основно почитување.

Не менувајте го гласот
Вистина е дека бебињата реагираат добро на повисоки тонови, но ако станува збор за дете над три години, зборувајте нормално.

„Моето четиригодишно дете најдобро им одговара на луѓе што зборуваат со него како што би зборувале со секое друго лице. Во најлош случај таа ќе се искикоти кога ќе го смените гласот или ќе почнете да зборувате бебешки бидејќи ќе смета дека сте смешни оти мама и тато не зборуваат така. Или во најдобар случај, ќе ви зборува на ист начин, претпоставувајќи дека така зборувате и така најдобро ќе ја разберете“, објаснува еден татко.

Физички спуштете се на нивно ниво
Ова е нешто што ретко кој го прави зашто, нели, тешко е да се стане потоа, но е фин гест кој му покажува на детето дека не сте над него.

Прифатете го необичното
„Не поправајте ги ако ви кажуваат нешто лудо. Играјте си. Не можам да поднесам луѓе што му ја уништуваат креативноста на детето преку коригирање на тоа што ќе го каже. Плус, забавно е да се преправате. Ако некое дете ви каже дека сега се вратило од Сатурн, не велете му дека тоа не е можно, туку прашајте го што јадело таму и дали сретнало нови другарчиња“, советува таткото Брендан.

Кажи ми повеќе
Родителите советуваат и кога немате претстава за што зборува детето, да му речете „кажи ми повеќе“. Тоа ќе му дозволи да го преземе водството.

Покажете им ги лузните
Не, не зборуваме за лузни од 2003, кога ве оставила девојката, туку за вашите вистински лузни. Покажете им ги и кажете им како сте ги добиле. Децата сакаат да ги покажуваат своите лузни, па ова им посочува дека ќе ги слушате нивните приказни за тоа како ги добиле лузните, советуваат родителите.

Научете неколку игри за деца
Нема дете кое не сака да си игра. Покажете му мал предмет на детето, ставете го во дланката и скријте ги рацете одзади. Потоа покажете ги рацете и кажете му на детето да погоди во која рака е предметот.

Бидете снаодливи
Имате ли нешто интересно во торбата?
Ако не друго, можете да го извадите телефонот, да отворите „Инстаграм“ и да правите селфиња со ефекти. Децата ги обожаваат ефектите.

Избегнувајте евтини трикови
Тука се мисли на обидите да го натерате детето да се отвори така што ќе го скокоткате или прашањето дали има момче или девојка.
„И ве молам, не почнувајте со тоа колку се слатки или убави“, вели таткото Остин.

Бидете свои
Децата во возрасните гледаат сигнали за тоа како да се однесуваат. Па, ако ви е непријатно, и ним ќе им биде. Но, ако им зборувате природно како на секое друго лице, тие ќе се отворат. Штом тоа ќе се случи, слушајте. Може ќе научите нешто ново.

Поврзани написи

To top