Следниот пат кога ќе излезете од дома без детето и тоа ќе заплаче, не дозволувајте да ве гризе совеста затоа што токму времето кое го поминувате одвоено од него може да ве направи подобар родител.
Познатата сцена: Договорено кафе со пријателки, се подготвувате да тргнете, а детето почнува со драмата: солзи, плачење, коментари од типот „Зошто ме оставаш“? И вие, во моментот, се чувствувате како најлошата мајка на светот.
Дури и ако одите, мислите постојано ви се враќаат на таа сцена. Гледате слика на дете кое ја држи вашата нога додека вие излегувате. И наместо одмор, вие се чувствувате виновно, телефонот ви е постојано в рака, преиспитувајќи се. Но вистината е дека излегувањето сама воопшто не е погрешно.
Познатиот психолошки експерт д-р Беки, авторка на книгата „Добро однатре“, објаснува многу добро.
– Ја оставив мојата ќерка плачејќи додека викаше: „Зошто мораш да одиш? Зошто не можам и јас со тебе?“ И токму додека влегував во воз за да се сретнам со пријателките, сфатив дека тоа не ме прави лоша мајка. Во себе длабоко носиме наратив дека добрата мајка е онаа што се жртвува, постојано се дава и никогаш не се одвојува. Но на децата не им требаат мајки-маченички. Им требаат стабилни, одговорни водечки фигури – вели таа.
– Кога поминувам време со пријателките, зборуваме за нешта што не се поврзани со деца, се смееме, се потсетуваме на сè што сме надвор од улогата на мајка и тоа ме враќа во рамнотежа. И тоа е клучно за моето ментално здравје – додава д-р Беки.
Таа нагласува дека на родителите им е дозволено да поставуваат граници и да имаат потреби. А децата имаат право да бидат вознемирени поради тоа, и тоа е во ред.
– Само затоа што вашето дете е тажно, не значи дека сте донеле лоша одлука. Треба да го прифатиме фактот дека сме луѓе, а не само родители. Децата учат од нас и ако нè гледаат како се грижиме за себе, ќе научат дека и тие имаат право на тоа – вели д-р Беки.