Не носете ги в раце само за да им го олесните или забрзате патот по скалите, не користете лифт ако имате скали, не плашете се доколку паднат и не трчајте по нив како да се случило најстрашното нешто


Балансот на телото се однесува на капацитетот за одржување контролирана положба на телото за време на статички и динамични моторички активности. Иако оваа вештина опфаќа многу развојни пресвртници што почнуваат од раѓање и траат до петата година, повеќето деца ги совладуваат основните вештини за рамнотежа на предучилишна возраст. Постигнувањето рамнотежа на телото не е мал подвиг, рамнотежата бара комбинирани и интегрирани напори на три различни системи во телото (вестибуларен, сетилно-визуелен, проприорецептивен систем).


Родени сме со вестибуларен систем кој е нацрт за вештините за балансирање. Овој комплексен систем е формиран од мали органи лоцирани во внатрешното уво. Затоа, ако имате инфекција на увото, чувствувате вртоглавица и губење на рамнотежата.

Сетилен систем од кој најзначајниот – визуелниот систем е особено корисен за развој на рамнотежата кај малечко дете, бидејќи детето преку гледање почнува да го истражува светот.


Проприоцептивниот систем се однесува на капацитетот на нашиот мозок да осети како и каде сме позиционирани на одредено место, како целина, така и со секој специфичен дел од телото. Тој ни дава свесност за положбата на деловите на телото, нивниот меѓусебен однос и контактот со другите луѓе и објекти. Ова е причината поради која можете да ги затворите очите и да знаете каде се вашите нозе. Овој систем се заснова на допир, меморија и перцепција, се потпира на мускулите и зглобовите и потребно му е малку повеќе време да созрее во споредба со првите два.

Христина Стефановска


Активностите или вежбите кои помагаат во развојот на сетилната обработка и ги зајакнуваат мускулите, помагаат да се развијат и вештините за баланс на телото. Идеи за вежбање рамнотежа вклучуваат играње, шутирање и ловење топка, искачување по скали и спуштање по лизгалки во игралиштата, движење на сите четири екстремитети како животно, имитирање животни, скокање на перница, протнување, како и цртање за подобра визуелно-моторната координација.


Со еден збор тоа би значело – не штедете ги вашите деца. Не носете ги в раце само за да им го олесните или забрзате патот по скалите, не користете лифт ако имате скали, не плашете се доколку паднат и не трчајте по нив како да се случило најстрашното нешто за нив. Напротив, секој нивен обид за физички интегритет охрабрете го и наградете го со пофалба: „Ти си способен“ или „Ми се допаѓа што се трудиш“, „Не мора во сè да си добар, но ова одлично ти оди“.

Автор: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти



912

X