Воспитување

„Не се сеќавам дека некој некогаш ме бакнал“ – случајот со злоупотреба на девојче кој го потресе Њујорк во 1870

Иако преживеала ужаси, случајот на Мери Елен Вилсон е првиот што го покрена прашањето за заштита на децата од насилнички родители или старатели

Доколку сте живееле во САД кон крајот на 60-тите години на 19 век и сте имале домашно милениче, требало да внимавате како се однесувате со него. Доколку сте го претепале или занемариле, тогаш новоформираното Американско друштво за спречување суровост кон животните ќе ви го одземело, а потоа ќе ве казнело. Во некои случаи, сте можеле да завршите в затвор. Тоа било добро, но изненадувачки, истото не можело да се каже за тепање, занемарување или малтретирање деца; бидејќи во тоа време, според англиското право, тие повеќе или помалку се сметале за сопственост на таткото. И не само тоа – тепањето деца се сметало за правилно – дури и христијанско. Ова биле принципите според кои живееле повеќето родители, а бруталните тепања биле вообичаени барем до крајот на 19 век – а веројатно и понатаму.

Така изгледал и Њујорк во март 1864 година кога се родила Мари Елен Вилсон. Нејзиниот татко Том Вилсон починал набргу по нејзиното раѓање, а нејзината мајка Френсис, која одеднаш останала без сопруг и пари, се нашла во тешка ситуација. Морала да почне да работи и немала време да ја одгледува ќерка си, па ја оставила во пансионот на Марта Скор. Тоа извесно време функционирало, но како што се влошувала финансиската состојба на Френсис, таа работела сè понапорно и немала време да ја посети ќерка си, па почнала да доцни со плаќањето на пансионот. Мери Скор, која немала намера да одгледува туѓо дете на свој трошок, ја однела Мери Елен во одделот за добротворни цели во Њујорк, своевидно засолниште во тоа време. Кога Френсис конечно „застанала на нозе“ и се вратила да ја земе ќерка си, во пансионот ѝ било кажано дека детето починало.

Посвојување

Во одделот во кој било сместено девојчето, било гледано како на уште еден просјак кој ќе живее од тешко заработените пари на даночните обврзници. Потоа дошле сопружниците Мекормак, кои тврделе дека всушност се нејзини биолошки родители. Детето им било предадено без многу проверка и документација. Одделот никогаш не побарал доказ за родителство од Мекормакс. Биле обврзани само да се јавуваат во одделот еднаш годишно (што наводно го правеле само еднаш или двапати во следните седум години). Набрзо откако Мери Елен пристигнала во нејзиниот нов дом, Томас Мекормак починал, а неговата сопруга Мери се омажила за Френсис Меконел и се преселила со Мери во неговиот стан на Западната 41. улица.

На оваа адреса соседите биле сведоци на судбината на малата Мери Елен. Не било тајна дека згрижувачката мајка постојано ја тепала, камшикувала и ја сечела девојката, ја заклучувала со часови во плакар, ја терала да работи напорна работа и да спие на под. Таа ѝ забранила да излегува во текот на денот. Соседите често ја слушале Мери Елен како плаче и бара помош додека Мери Меконел ја тепала, понекогаш и петнаесет минути непрекинато, со кој било предмет што ќе го најдела. Страдањата на Мери Елен не престанале дури и кога нејзината згрижувачка мајка не била дома. Таа ја оставала врзана или заклучена во плакар.

Ета Вилер

Еден од загрижените соседи ја замолил Ета Ангел Вилер, мисионерка која работела во областа, да провери што се случува со детето. Под изговор дека побарала помош од Мери Меконел за да се грижи за својата болна сосетка, Ета Вилер влегла во станот на Меконел за да ја види состојбата на девојчето. Иако била предупредена за ситуацијата, сепак била шокирана кога ги видела ужасните рани, изгореници, модринки, како и старите, полузалечени лузни на рацете, нозете и лицето на девојчето. Мери Елен била бледа и застрашувачки слаба, облечена во валкана, излитена облека. Ета веднаш почнала да ги истражува правните опции за отстранување на Мери Елен од куќата, но локалните власти не сакале да одговорат. Ѝ рекле дека е подобро Мери Елен да биде со г-ѓа Меконел отколку во засолништето. Со други зборови, ѝ рекле дека детето треба да биде благодарно што не е на улица.

Комплексни ситуации и креативни решенија

Каде и да одела Ета да побара помош, наидувала на скептицизам и бирократија. Која била таа да ги суди казнените методи на г-ѓа Конели? Ета била очајна. Нејзината внука потоа ја советувала да разговара со Хенри Берг, харизматичниот лидер на движењето за животните во САД и основач на ASPCA. Берг успеал да ѝ го привлече вниманието на јавноста за неколку случаи на злоупотреба на животни, кои предизвикале гнев кај луѓето и кои ги искористил за значително да го зголеми бројот на поддржувачи на неговото здружение – па така, го поттикнал брзото усвојување на законите за правата на животните и го инспирирал создавањето на здруженија за заштита на животните низ земјата.

Ета на почетокот се налутила и рекла дека Мери Елен не е животно, но на крајот попуштила. Берг бил љубезен и праведен човек со врски во многу владини агенции. Тој се согласил да помогне. Ѝ рекол на Ета дека му требаат докази за да ги потврди неговите тврдења, а потоа ќе ѝ помогне да го изгради случајот. Ета одела од врата до врата за да собере сведоштва за злоупотребата на Мери Елен, а Берг испратил истражувач од ASPCA (претставувајќи се како работник за попис) за да ги потврди наводите. Потоа ангажирал еден од адвокатите на ASPCA, Елбриџ Томас Џери – да подготви петиција и да побара од судот дозвола да ја отстрани Мери Елен од тој стан. Знаејќи ја вредноста на гневот на јавноста во унапредувањето на целта, Берг контактирал со новинарите на „Њујорк тајмс“, кои биле заинтересирани за случајот и присуствувале на сослушувањата. Детални написи кои ја опишуваат ужасната физичка состојба на Мери Елен почнале да се појавуваат во весниците. Така наскоро во случајот се вклучиле и граѓаните на Њујорк. Берг и адвокатот тврделе дека законите што ги штитат животните од злоупотреба не треба да бидат поголеми од законите што ги штитат децата – термин што може да изгледа очигледен денес, но тоа не било случај во 70-тите години на 19 век. Случајот потоа бил предаден на судот, а Мери Елен била изнесена од станот. Мери Меконел била изведена на судење во 1874 година.

Судење

Кога Мери Елен била повикана да зборува, таа била облечена во искината облека, имала модринки по целото тело и длабока исеченица на левото око и образот.

фото извор: Wikicommons

Сведочењето од кое сите присутни биле згрозени било следното:

„И татко ми и мајка ми починаа. Не знам колку години имам. Не се сеќавам на периодот пред да живеам со Меконелс. Мајка ми имаше навика да ме камшикува и тепа речиси секој ден. Таа ме камшикуваше со кожен камшик. Камшикот секогаш оставаше црно-сина трага на моето тело. Сега имам црни и сини лузни на главата што ги направи мајка ми, а имам и исеченица на левата страна на челото што таа ја направи со ножици. Ме удри и ме пресече. Не се сеќавам дека некој некогаш ме бакнал – мајка ми никогаш не ме бакнала. Никогаш не ме ставаше в скут и не ме галеше. Никогаш не се осмелив да разговарам со никого бидејќи ако зборувам, ќе ме камшикуваат. Не знам зошто ме камшикуваа – мајка ми никогаш ништо не ми кажа додека ме тепаше. Не сакам да се вратам да живеам со мајка ми затоа што таа ме тепа. Не се сеќавам дека некогаш во животот сум излегла на улица“.

Мери Меконел била прогласена за виновна за тежок напад и осудена на една година напорна работа во затвор. Кога судењето завршило, судот ја сместил Мери Елен во засолниште за адолесценти. Верувајќи дека ова е несоодветна средина за десетгодишно девојче, Ета повторно интервенирала и побарала дозвола од судијата да ја смести кај нејзината мајка Сали Енџел. Кога г-ѓа Енџел починала, најмладата сестра на Ета Вилер, Елизабет, се грижела за неа. Од тој момент, животот на Мери Елен бил безбеден и стабилен. Таа се омажила и имала две ќерки – Ета, именувана по Ета Вилер и Флоренс. Подоцна станала хранител на млада девојка по име Еунис. Нејзините деца и внуци ја опишувале како нежна и грижлива мајка и баба која ретко зборувала за нејзиното рано детство.

Починала на 92-годишна возраст.

Поради случајот со Мери Елен, граѓаните го основале Друштвото за спречување суровост кон децата во Њујорк во 1874 година.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top