Воспитување

Не се само возрасните под стрес – тоа го искусуваат и децата

Во моментов семејствата се под огромен притисок, а следните неколку месеци ќе ни донесат олеснување. Во 2020 година се вбројуваат економската несигурност, раст на случаите со Ковид-19. Потоа следува и прекинатата учебна година, онлајн-наставата и малкуте опции за грижа за децата. Експертите често дебатираат за тоа како сето ова ќе влијае врз децата – нивното ментално здравје и однесувањето. Во октомври, Американската академија на педијатри објави клинички водич за тоа како да се поддржат емоционалните потреби на децата за време на пандемија, потенцирајќи ја виталната улога на родителите.

Како да кажете дали децата се под стрес и што може да направите за да им олесните. Ова се неколку совети за децата на сите возрасти:

Знаци на стрес и анксиозност кај малите деца

Лесно е да се претпостави дека малите деца, особено бебињата, се помалку подложни на стрес отколку постарите деца. Но, дури и децата на 3 месеци може да почувствуваат кога нивните родители се лути или тажни, па може и самите да ги имаат тие емоции, сметаат од „Од нула до три“ – непрофитна организација од Вашингтон за едукација на родители. Ако рутината на децата е попречена за време на пандемијата, или семејството се справува со одреден проблем – нормално е децата да искусат регресија на вештините кои претходно ги совладале.

Децата од претшколска возраст може да имаат проблеми со спиењето или да имаат кошмари, вели Кејтлин Мулрони, програмски директор за ментално здравје кај новороденчиња и мали деца од организацијата „Од нула до три“. Може да се сменат и навиките во јадењето. Сепак, имајте на ум дека е нормално малите деца да имаат промени во однесувањето како резултат на стрес. Но, ако забележите некое поинтензивно однесување кое ве загрижува – верувајте му на инстинктот и побарајте дополнителна помош од експерт, вели Мулрони.

Како постарите деца го изразуваат стресот

Во неодамнешна анкета на повеќе од 1.000 тинејџери помеѓу 13 и 17 години во САД, 43 отсто рекле дека нивоата на стрес се зголемиле во изминатата година. Кога основците или тинејџерите се под стрес, тие може да ги кријат своите грижи, поради страв, срам или чувство на одговорност за избегнување на моментот да бидат товар некому. Исто така, може да станат непријателски расположени или да се повлечат, па и да се жалат повеќе од вообичаено. Некои тинејџери може да плачат, да спијат премалку или премногу, да јадат премалку или премногу, вели Ема Адам, професор за човечки развој и социјална политика од универзитетот „Нортвест“. Може да имаат проблеми со концентрацијата или да им се појават физички симптоми, како главоболки, болки во стомакот или тензија во мускулите. „Треба да барате големи промени во однесувањето на вашето дете“, вели Адам. Друг знак за стрес карактеристичен кај овие деца е и негативното зборување за себе.

Како да ги смирите децата

Важно е да го држите под контрола и вашето однесување. Кога родителите се под стрес и загрижени, и децата ги имаат истите чувства. Експертите велат дека родителите треба да се обидуваат да ги одржуваат рутините на децата колку што можат повеќе.

– Детето може да го промени темпераментот, но вие можете да ја промените средината на детето за да излезете во пресрет на неговите потреби. Кога родителите се свесни за потребите на своите деца, тие функционираат подобро, се чувствуваат подобро, размислуваат позитивно и имаат способност подобро да се приспособат на тешки околности – вели психологот д-р Мери Аллворд. Експертите додаваат дека е важно да се прашуваат децата за тоа што размислуваат. „Изразувањето топлина, љубов и грижа од родителите е многу важно“, вели д-р Адам. Исто така, и конзистентноста. Дајте му до знаење на детето дека сте тука за него ако сака да зборува. Ако не сака, уверете го дека сте тука за него на различни начини, дури и ако се работи само за прегратка или семеен заеднички оброк. „Ова се необични времиња за нашето семејство и за општеството, па мислам дека ни треба време за да зборуваме за тоа. Сите ги искусуваме работите различно. Па може еден ден во неделата да имаме заеднички семеен оброк за да разговараме меѓу себе“, вели д-р Адам.

Ако вашето дете има негативни мисли, помогнете му да ги обликува на позитивен начин. „Мислите водат до емоции“, вели д-р Алворд. Ако семејството неодамна искусило лошо искуство – смрт на сакано лице или нешто помалку трауматично, но вознемирувачко, тогаш кај детето може да се јави тага или болка за која е потребно време за да ја процесира. Дајте му ја поддршката што му е потребна.

– Понекогаш е во ред да не се чувствувате во ред. Едноставно треба да се соочите со емоциите. А во тој случај родителите може да им помогнат на децата преку слушање и валидизирање на емоциите – вели д-р Алворд.

Автор: Луси Џоунс

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top