Родителите често не размислуваат за влијанието што го имаат врз идниот живот на детето преку фразите што му ги упатуваат. А тоа е голема грешка. Што е она што никогаш не треба да им се каже на децата, кои фрази треба да се избегнуваат и како да се направи тоа – советува детскиот и семеен психолог, автор на проектот „Во контакт со детето“, Јулија Данилова.
-Ќе почнам со мал, но многу живописен и импресивен пример за тоа како судбината на детето може да се одреди со зборови. Петгодишно девојче случајно соборило производ од полица во супермаркет. Нешто се скршило. Мајката почнала ужасно да ѝ вика. Покрај фразата „колку си несмасна и неспособна“, ја кажала и фразата „Подобро да не те родев!“
Дете под осум години кое слуша нешто слично не ја анализира ситуацијата. Не мисли нешто од типот: „О, на мама ѝ е лошо во моментов. Моите баба и дедо ја воспитале постојано да се грижи што другите луѓе ќе мислат за неа. Кутрата мама! Таа вина и агресија ја спречуваат целосно да ја покаже својата љубов кон мене во оваа банална ситуација. Бидејќи може да му се случи на секого. Да, признавам, бев невнимателна. Но, не направив ништо лошо. На крајот на краиштата, не го направив тоа намерно.“
Она што, всушност, се случува е дека таа кажана мисла – „подобро да не те родев“, исполнета со емоции, станува лично убедување на детето.
Каква е иднината на такво дете? Кога на психолошките консултации доаѓаме до такви зборови, мајките едноставно одбиваат да веруваат дека е тоа нешто сериозно. Бидејќи одеднаш се исплашени. Бидејќи само сакале нивното дете да стане успешно.
До што водат негативните пораки што родителите им ги всадуваат на децата?
„Смотан си и неспособен!“ – беспомошност, апатија, мрзливост, инертност, недостиг на независност, самосомневање.
„Престани да мудруваш!“, „Замолчи – немаш поим“, „Не биди различен од светот. Биди како сите други!“ – детето нема свое мислење. Нема интерес за когнитивни активности. Нема иницијатива. Не ги покажува своите способности. Индивидуалноста, лидерските квалитети, харизмата се задушени. Детето не може да ги изрази своите таленти.
„Не плачи“, „Престани да беснееш“ – откажување од чувствата на детето. Детето не ги препознава и разбира своите чувства. Потисната интуиција. Не може да ја управува својата емоционална состојба. Негативните чувства го уништуваат неговиот организам однатре (психосоматски заболувања).
„Не допирај ништо, јас ќе го направам тоа!“ – детето престанува да прави сè, дури и кога ќе го замолат. Беспомошност, неодговорност, пасивност, недостиг на независност, инфантилност.
„Не лепи се до мене?! Тргни се од мене! Зошто се држиш за моето здолниште!“ – детето губи интерес за дружење. Се оддалечува и се затвора.
„Премногу си мал за тоа!“ – инфантилност. Околината ќе се однесува кон него како кон дете. Никогаш нема да порасне. Неодговорност. Несамостојност. Отсуство на мотивација. Подложност на влијанието на другите луѓе. Бара партнер кој ќе му биде „родител“.
„Види го Јанко, тој го направи тоа кога…“ – комплекс „Не сум доволно добар“. Несигурност, ниска самодоверба. Желбата да се исполнат очекувањата на околината за да се заслужи љубов. Отсуство на чувства на лично достоинство.
Што ги тера родителите да кажуваат фрази кои јасно го програмираат детето да не успее?
Родителско воспитување – ние живееме според всадени родителски пораки, убедувања и директиви за тоа какво треба да биде детето. Тие директиви и верувања во голема мера нè ограничуваат да бидеме среќни, радосни и здрави. И секако, ако самите не сме среќни, нема да можеме да ги направиме ниту децата среќни.
Верувањата нè спречуваат да ги оствариме нашите соништа, да го живееме животот што го сакаме.
Примери за негативни верувања или родителски пораки:
-Мора да правиш што ти се кажува!
-Јас најдобро знам што ти треба!
-Постарите мора да бидат почитувани, а помладите? Со негирање на личните права на ценење, на сопствено мислење, на грешка, на лично искуство, се нарушува истражувачката активност, се прекинува природното функционирање на детето. Како последица на тоа, се појавуваат беспомошност, неактивност, апатија, мрзеливост.
-Машките не плачат! – природното празнење на емоциите е нарушено. Тоа влијае врз здравјето, има излив на чувства во погрешно време, на погрешно место, на погрешен, опасен начин.
-И мене ме тепаа, па што? Пораснав во добар човек! – Пред сè, не знаеме што ќе се случело ако таа личност не доживувала физичка злоупотреба. Тврдењето „добар човек“ исто така бара понатамошно истражување. А физичкото казнување води до акумулација на агресија кај детето и потреба да се напаѓа послабиот. Исто така, првенствено и многу често, се нарушува безбедноста на детето.

-Доброто дете не се однесува така! – Се развива комплекс или вознемиреност од типот „Јас не сум доволно добар“. Несигурност, апатија, страв од неисполнување на очекувањата.
Како да се излезе од маѓепсаниот круг на она што го очекувате од детето и разочарувањето од неговото вистинско однесување?
Тоа е индивидуална работа на преиспитување на пораките што ни ги всадуваат нашите родители, преиспитување на очекувањата на нашите родители од нас, на нашите сопствени очекувања од себе и од детето. Тоа е работа на прифаќање на себеси какви што сме, на простување на нашите родители, на отповикување на нашите очекувања од нашите деца.
Тогаш вашите деца нема да се запишат на универзитети кои вие ги сакате за да ви ја покажат својата диплома и ќе почнат да прават нешто сосема друго. Ќе покажат интерес за многу работи без оглед на фактот што вие не ги сакате тие работи. Тие ќе бидат независни и одговорни бидејќи тогаш нема да го контролирате секој нивен чекор со телефонски повици водени од сопствените стравови.
Што можете да направите?
-Снимете ги главните моменти од вашата комуникација со вашето дете и анализирајте ги.
-Сетете се што ви кажале вашите родители за тоа какво дете треба да бидете, односно какви биле нивните очекувања од вас.
-Дефинирајте ги вашите очекувања од себе.
-Дефинирајте ги вашите очекувања од детето.
-Споредете ги листите и пронајдете ги спротивностите.
-Свесно исклучете ги фразите со негативни пораки од комуникацијата со детето.
-Смислете позитивна алтернатива на негативните пораки.
Автор: Весна Смиљаниќ Рангелов