Воспитување

Не сакате да одгледате привилегирано дете? Не правете ги овие 4 грешки

Сите знаеме барем една личност која се однесува како целиот свет да е создаден за да ѝ угоди. Таквите луѓе земаат сè само затоа што чувствуваат дека им припаѓа, без никакво објаснување, и со тоа не прифаќаат никаква друга опција, а секој поинаков исход предизвикува лутина, бес и слични емоции. Вакви особини веќе гледаме кај децата и честопати таквите деца не се многу добро прифатени во општеството.

Често ги прогласуваме таквите деца за разгалени, а кај родителите забележуваме однесувања што го „поттикнуваат“ ова. На пример, таков родител ќе направи сè за да се осигури дека неговото дете добива одлични оценки по предмет за кој не знае многу, или се запишува во средно училиште кое всушност не го заслужува. Секако, повеќето родители немаат намера да одгледуваат привилегирани деца, но експертите велат дека постојат некои вообичаени грешки што родителите ненамерно ги прават, а кои можат да придонесат децата да растат со чувство дека нешто (што било) им следува.

Еве четири такви однесувања што експертите ги навеле, а родителите треба да ги имаат на ум и да ги избегнуваат.

Грешка 1: Не го учите вашето дете како да се справи со тоа што не може да го добие или она што го губи

Ализа Пресман, психолог, истакнува дека е важно да се има предвид дека децата под четиригодишна возраст го немаат развиено она што е познато како „теорија на умот“ или когнитивен механизам, што ни овозможува да си припишуваме одредени верувања и чувства на себеси и на другите. Затоа е сосема нормално децата под четиригодишна возраст да бидат преокупирани со сопствените чувства и перспектива. Но, важно е да се научи детето кое се приближува кон училишна возраст дека не секогаш ќе го добие она што го сака. Исто така, треба да му се објасни дека може да се чувствува лошо ако не го добие она што го сака. На пример, кога купувате подарок за роденден за пријател и вашето дете бара играчка за себе, не попуштајте, вели Пресман. Наместо тоа, кажете нешто од типот: „Ајде да одиме во продавница да купиме подарок за Лука. Знам дека понекогаш може да биде тешко кога не добиваш и ти играчка, но на Лука му е роденден“. Ова му дава простор на вашето дете да се справи со непријатното чувство дека не го добива она што го сака и му дава до знаење дека тоа ќе помине.

Грешка 2: Не му давате на вашето дете доволно домашни обврски

Домашните обврски не мора да бидат големи и можат да се воведат доста рано.

-Нека си ја однесат својата чинија во кујната. Нека ја избришат масата. Можат да го прават тоа уште на тригодишна возраст. Домашните обврски соодветни на возраста не се оптоварувачки – тоа покажува дека сте корисен член на домаќинството – вели Пресман.

Дури и ако вашето дете се жали, треба да продолжите да го правите тоа. Никој не сака да извршува домашни обврски, но само затоа што не сакаме да ги правиме, не значи дека не мораме. Негувањето чувство на компетентност преку некои основни одговорности дома може да помогне во градењето на чувството на самодоверба кај детето.

Грешка 3: Не сте јасни во врска со вашите граници

Границите се многу важни за воспитување деца кои не се чувствуваат привилегирани, вели Пресман, а недоследноста го поткопува тоа. Затоа, треба да размислите: Кои се некои од границите до кои навистина сакате да се држите? Кои граници се важни за вас (и вашиот партнер)? И колку сте доследни во одржувањето на тие граници?

Тие можат да се движат од мали дневни навики до поголеми очекувања за тоа како сакате вашето дете да се однесува како граѓанин на едно општество. Исто така, строгоста може да помогне во контрола на чувството на привилегија кај детето, но можно е да се биде сочувствителен и строг во исто време. Задача на родителот е да постави граници и да се држи до нив за да му помогне на детето да се справи со чувствата на тага, фрустрација или лутина што може да се појават за да може да го прави тоа во текот на целиот свој живот.

Грешка 4: Не покажувате однесувања какви што сакате да видите.

-Покажувањето почит е огромна и важна компонента на привилегиите – вели Пресман.

Децата гледаат како нивните родители и старатели се однесуваат кон другите и многу учат од тоа.

-Првото нешто што секогаш треба да го направите е да погледнете како се однесувате кон другите луѓе. Една едноставна проверка на интуицијата што треба да ја имате на ум е едноставно да се запрашате: „Дали сум горд/а на тоа како се однесувам во моментов?“ Секако, родителите не се непогрешливи. Сите ќе правиме грешки. Но, нашите деца гледаат и учат како да се однесуваат од нас – заклучува Пресман.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор

Поврзани написи

To top