Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Син ми има две и пол години и никако не сака да седи во градинка. Уште пред да влеземе почнува да плаче и не престанува, максимум 10 минути останува. Одма ме викаат да го земам, не можат да го смират, дури се тресе. Трета недела истото се случува, а работиме и јас и мажот ми и нема кој да го чува. Не знам што да направам. Има ли надеж?
ОДГОВОР: Тргнувањето во градинка е секогаш предизвикувачки процес и за детето и за родителите. Во вашето прашање не наведувате важни информации како тоа кој досега го чуваше вашето дете, колку време трае адаптацијата во градинката, на каков начин се одвива таа, кој ја врши итн.
Бидејќи однесувањето трае веќе три недели, потребно е да создадете поголема соработка со воспитувачот кој го презема детето со цел заемно да му обезбедите сигурна и безбедна средина.
Адаптацијата треба да ја направите постепено, следејќи го неговиот ритам. Особено е важен и вашиот став кон градинката, кој во најмала мера не треба да зрачи со несигурност и плашливост.
Адаптацијата треба да ја врши родителот кон кој детето не покажува висок интензитет на вознемиреност при сепарација. Она на што треба да обрнете внимание е неговата самостојност и независност. Убаво би било да го оставите да поседи сам кај својата баба, дедо или тетка на неколку часа, со што детето учи дека се чувствува безбедно кога не се тука мама и тато, а тоа би го направило посигурно во нови социјални средини и адаптации.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912